| четврток, 6 декември 2018 |

Радовиш: Си ги оставила децата во породилиштето оти немала пари да ги одгледа

Пред неколку дена на Одделот за гинекологија при штипскиот Клинички центар триесетгодишна мајка на свет донела две братчиња-близначиња. Меѓутоа, поради нејзината лоша финансиска состојба, таа ги оставила дечињата во билницата и си заминала, објави „Плус инфо“.

Болничките власти се обиделе да ја разубедат радовишанката, меѓутоа таа не го променила својот став и си заминала во родниот Радовиш. Поради таквата ситуација, раководството на болницата немало друг избор освен да ги извести колегите од Домот за доенчиња и мали деца во Битола дека треба да се згрижат двете бебиња.

– Бебињата пред да бидат пренесени во Битола беа во дробра здравствена состојба. Како што ни кажуваше мајката, таа дома веќе имала неколку деца и не била во финансиска можност и овие две близначиња да ги одгледа. Иако ги остави во болница и си замина, не ни остави впечаток дека така мирно ќе ги остави децата. Законот ѝ дозволува во рок од три месеци да се премисли и да побара бебињата да ѝ бидат вратени за да си ги одгледа. Но, доколку реши да се откаже од нив, треба да потпише изјава во радовишкиот Центар за социјални работи – објаснуваат од штипската болница.

Радовишките социјални работници велат дека веќе имаат отворено предмет за радовишанката, но поради сензибилноста на проблемот, додека таа не одлучи, не сакаат да говорат за случајот.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top