| четврток, 6 декември 2018 |

Се отвора прва фарма за високомлечни овци

asaf ovca

Прва демонстративна фарма за високомлечни овци од расата асаф денеска ќе биде промовирана во светиниколското село Ерџелија.

Во фармата ќе се одгледуваат 279 овци кои беа увезени минатата недела од Шпанија.

Се очекува високомлечните овци за неколку години да го подобрат генетскиот потенцијал, а со тоа и сегашниот, во споредба со оваа раса симболичен, годишен просек на млеко по грло овца од околу осумдесетина литри. Ќе се зголеми и продукцијата на јагниња.

Расата асаф е добиена со вкрстување на овците аваси и источно-фризиската млечна раса, што се покажа како најдобра комбинација по неколкудецениските испитувања извршени во 1955 година од Израелската земјоделска организација (А.Р.О) првенствено заради подобрување на плодноста на расата аваси.

Досегашната практика покажува дека сортата од 2005 година во лактациски период од 200 до 270 дена дава над 500 литри млеко по грло и 1,5 до 1,7 јагниња годишно.

Фармата во Ерџелија е прва со овци од расата асаф во Македонија. Има капацитет за 1.000 грла и, според плановите, ќе биде прва демонстративна фарма за оваа раса. Ќе ја промовира директорот на Агенцијата за храна, Дејан Рунтевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top