Министерот за здравство Никола Тодоров посочи дека годинава работеле на 48 проекти во делот подобрување на здравствената инфраструктура во вкупна вредност од милијарда и 480 милиони денари. Од проектите кои се предвидени за 2014 година, Тодоров ги наведе изградбата на зградата на новиот Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, како и почнување со изградба на новата Клиничка болница во Штип. Овие два проекти чинат околу 100 милиони евра.
– Овие две инвестиции се најголемите во историјата на Република Македонија во делот на здравствената инфраструктура, не само по обем и по финансиски средства, туку и по сложеност на капацитетите кои ќе бидат изградени- рече Тодоров на собраниската седница.
– Со овој тендер почнуваме нов начин на набавка на опрема. Распишуваме тендер за набавка на реагенси. Оној кој ќе понуди најниска цена, што ќе го добие тендерот има обврска да достави бесплатни апарати во лабораториите во овие десет здравствени установи- потенцира Тодоров. Здравствените установи, како што рече, нема да имаат обврска да ја одржуваат опремата.
Според него, на овој начин ќе се намалат трошоците во овој дел и ќе се овозможат нови инвестициски зафати во здравството. Тодоров очекува пад на цената на реагенсите затоа што, како што рече, се работи за голема групна набавка, и намалување на трошоците за одржување и поправка на оваа опрема. Во рамки на овој тендер предвидени се набавка на еден биохемиски анализатор со голем капацитет од 800 анализи на час, а другите анализатори ќе можат да изведуваат околу 400 анализи на час.
– Едукацијата на кадарот е еден од клучните проекти што почна во Министерството за здравство и има за цел сериозно да го подигне нивото на квалитет на здравствената услуга, рече Тодоров.
Потсети на изградбата на ПЕТ-Центарот во Скопје, која се предвидува да заврши до јануари-февруари во 2015 година и на проектот „Домашна визита“. Министерот Тодоров рече дека многу направиле и за намалување на цените на лековите, со што, како што додаде, овозможиле нивна поголема достапност за граѓаните во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


