| четврток, 6 декември 2018 |

Волкот лош за Вест Хем, одличен за Арсенал

Тео Волкот е творецот на празничната победа на лидерот Арсенал против Вест Хем, во меч од 18. коло одигран на „Боксинг Деј“. Со два гола за само три минути во второто полувреме, англискиот репрезентативец им донесе пресврт на „топчиите„, а победата од 3-1 во лондонското дерби ја потврди Лукас Подолски.

Вест Хем поведе на самиот старт од вториот дел со погодокот на Карлтон Кол, но Волкот беше лош за популарните „чекани“ и со два гола им ги расипа плановите за изненадување. Тео погоди набрзина во 68 и 71 минута, за потоа и повратникот во составот на Арсенал Подолски со гол да ја завери победата на лидерот. Арсенал има 39 бода, два повеќе од Челси, кој славеше со голот на Азар против Свонси.

Ливерпул има можност да се израмни со Арсенал, ако вечерва во дербито на колото го победи Манчестер сити на гостински терен.

Најубедлив попладнево беше Њукасл протиц Стоук, со убава победа од 5-1. Гостите поведоа со голот на Аасиди, а потоа останаа без двајца играчи поради исклучување. Предвреме играта ја напуштија Вилан и Вилсон, што Њукасл лесно го казни со „петарда“. Можеше да биде уште полошо за Стоук, ако Реми погодеше од пенал во 44 минута. Во следниот напад истиот играч израмни на 1-1, а потоа постигна уште еден гол. Во листата на стрелците се запишаа и Гуфран, Кабај и Сисе од пенал.

Експресно за само 27 минути Саутемптон ја наполни мрежата на Кардиф на гостувањето во Велс и со двата гола на Родригес и еден на Ламберт го декласира домаќинот со 3-0.

Сензација направи Сандерленд со победа против Евертон од 1-0 во Ливерпул. Последнопласираниот тим во Премиерлигата славеше со голот од пенал на Ки Сун Јонг. На гостински терен триумфираше и Фулам против Норич со 2-1, а Тотенхем пак потфрли и одигра само 1-1 на својот „Вајт Харт Лејн“ во Лондон против Вест Бромвич Албион. За гостите не настапи македонскиот репрезентативец Горан Попов, кој не беше ниту на клупата. Ериксен му донесе предност на Тотенхем, а израмни Олсон.

Во последниот меч што се играше од 16 часот Кристал Палас со погодопкот на Гејл во судиското продолжение ја победи Астон Вила.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top