Изградбата на мостот „Око“ со сите негови придружни декоративни елементи е во согласност со законските прописи, изјави денеска министерот за транспорт и за врски Миле Јанакиески одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на патот Требовље кај Македонски Брод.
Неосновани се, истакна Јанакиески, наводите дека изградбата на оваа градба не е во согласност со законот. Министерството за транспорт и за врски , заради утврдување на фактичката состојба, побарало од изведувачот на градбата да ја достави на увид целата градежно-техничка документација. По нејзиното доставување се утврдило дека општина Центар издалa одобрение за градење од 16.06.2010 година и дополнување на 11.09.2012 година за изградба на градба од втора категорија – пешачка патека – мост „Око“.
– Во согласност со ДУП е предвидена изградба на пешачка патека – мост. Од увидот во доставената проектна документација се утврди дека со неа е предвидена изградба на мост над реката Вардар, чијшто составен дел се 32 постаменти со декоративни елементи како составен дел на архитектурата на мостот – изјави Јанакиески.
Според него, треба да се има предвид дека во конкретниот случај не се работи за изградба на спомен-обележја дефинирани со Законот за меморијални споменици и спомен обележја, од причина што предмет на изградба не е спомен обележје како посебна градба, туку инфраструктурна градба-мост во чија архитектура се предвидени фигури – како декоративни елементи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


