Нѐ радуваа, нѐ правеа горди, а на нивните успеси славеше од најмладо до најстаро. Посакувајќи им уште поголеми успеси во годината што доаѓа, ова се македонските личности кои со својот успех во 2013 година ја направија успешна и својата земја.
Редакцијата на „Република“ состави листа од менаџери, спортисти, уметници и режисери кои постигнаа значаен успех во изминатата година, а ваше е да се изјасните, кој од нив може да се прогласи за личност на годината. Подетална анализа за тоа што направија тие и зошто се најдоа на оваа листа читајте во новогодишниот број на неделникот „Република“, кој ќе виде во продажба од петок, 27 декември.
Живко Мукаетов – генералниот директор на една од најуспешните и најстари македонски фирми „Алкалоид“. Компанијата и годинава доби бројни награди за својата работа во неколку битни полиња, а Мукаетов, пак, презеде уште една голема одговорност – застана на чело на Ракометната федерација на Македонија.

Живко Мукаетов
Илина Арсова – првата Македонка што се искачи на највисокиот врв во светот, Монт Еверест. Иако тоа е доволно, Арсова најави неколку проекти, меѓу кои искачување на највисоките врвови на сите седум континенти, потоа дека ќе се искачи на сите врвови повисоки од 8.000 метри, а на еден од нив, тоа ќе го направи без кислород.

Илина Арсова
Дејан Пројковски – режисерот ќе остане запишан во историјата како првиот што режирал во новиот објект на Македонскиот народен театар за претставата на Јордан Плевнеш „Вечната куќа“. Пројковски годинава работеше и во Хрватска, каде што собра одлични критики за претставата „Браќа Карамазови“ од Достоевски.

Дејан Пројковски
Марко Чаласан – тринаесетгодишниот гениј влезе во изброт на 50 најпаметни тинејџери во светот. Македонското момче го воодушеви светот со својата генијалност. Како компјутерски гениј, тој е најмладиот системски администратор со сертификат, диплома која Чаласан ја доби на осумгодишна возраст.

Марко Чаласан
Перо Антиќ – капитенот на македонската кошаркарска репрезентација од годинава е и првиот Македонец што заиграл во најквалитетната кошаркарска лига во светот, НБА. 31-годишниот Антиќ долги години ја развиваше својата кариера во странство, а сега Атланта и „јастребите“ се неговиот нов дом.

Перо Антиќ
Лино Червар (МЕТАЛУРГ) – хрватскиот тренер се најде на оваа листа само како предводник на еден од најуспешните македонски ракометни тимови. Инаку номинацијата се однесува на целиот состав на „Металург“, кој годинава под водство на Червар влезе во четврт- финалето на престижната Лига на шампиони, што е најголем успех во нивната клупска историја, но и голем успех за македонскиот спорт воопшто.

Лино Червар – МЕТАЛУРГ
Томи Стефановски – спортист кој со години е најдобриот македонски маратонски пливач, како и меѓу врвните пливачки маратонци во светот. Годинава Стефановски беше номиниран за наградата „Човек на годината“ која секоја сезона ја доделува Светската асоцијација во маратонско пливање во отворени води.

Томи Стефановски
Кире Лазаров – капитенот на македонската ракометна репрезентација годинава потпиша со еден од најсилните европски клубови. Преминувајќи од Атлетико Мадрид во РК Барселона, Лазаров годинава со својот клуб го освои Купот и Суперкупот во Шпанија. Македонскиот ракометар беше номиниран и за најдобар десен бек во светот, во 2013 година ја промовираше и својата автобиографија „Седум“.

Кире Лазаров
[poll id=”78″]
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


