| четврток, 6 декември 2018 |

„Лице в лице“ пристигнува и во Битола

Уличното списание „Лице в лице“ пристигнува и во Битола, каде што Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 организира промоција утре во 13 часот во хотел „Театар“. По Скопје, Неготино и Струга, Битола е четвртиот град каде што се проширува дејствувањето на платформата за активизам „Лице в лице“, во чии рамки излегува и истоименото улично списание.

Промотори на списанието ќе бидат членките на независниот „Интимен театар“, режисерката Софија Ристевска и актерката Маја Андоновска.

Заедно со членовите на ФОРУМ 16, промоторките ќе претстават дел од содржините на осмиот број на „Лице в лице“, но и продавачите кои ќе бидат тој ден пред публиката, а ќе биде прикажано и промотивното видео за платформата за активизам. Од ФОРУМ 16 изјавуваат дека поканети се лица од деловниот сектор, од граѓанскиот сектор, локалната самоуправа, поединци, кои на свој начин ќе ја доживеат промоцијата, но со намера да се вклучат и да помогнат во иднина.

„Лице в лице“ во Битола стартува со пет продавачи, а на настанот ќе се вклучат двајца, додека останатите ќе тргнат на терен од јануари.

Наташа Чавдаровска, претседателка на ФОРУМ 16, објаснува дека планираат да ги вклучат продавачите во програмата за работа која ја има Здружението и која постојано ќе се надоградува.

– На тој начин сакаме да им овозможиме социјализација, интеграција, но и нови знаења и вештини кои ќе им користат приватно. Би сакале да чуеме еден ден дека ќе им користат тие знаења и вештини и на професионален план – вели таа.

Таа додава дека целиот тим на ФОРУМ 16 се вклучува во поддршката и промоцијата на продавачите и на „Лице в лице“ волонтерски, но со силна волја.

– Среќна сум затоа што моето омилено списание, конечно, ќе можам да го купам во Битола, а при тоа ќе помогнам на некој мој сограѓанин кому му се многу важни тие неколку денари. Сакам што повеќе битолчани да се чувствуваат вака, како што се чувствувам јас деновиве, додека се планира промоцијата на „Лице в лице“ во Битола. Свесна сум дека ќе имаме долг пат да изодиме додека да постигнеме промени кон подобро и видливи резултати, но годра сум што направивме смел прв чекор што никој претходно во Битола не се осмелуваше да го направи затоа што од тоа не се профитира – изјавува Чавдаровска.

Таа додава дека задачата на ФОРУМ 16 ќе биде да идентифукува потенцијални продавачи, како и компании, организации, институции и поединци кои би дале поддршка, секој на свој начин.

– Ќе настојуваме што е можно почесто да ја надоградуваме и координираме таа мрежа. Сакаме, исто така, не само да помогнеме на загрозени сограѓани, туку и на поголем дел да им содадеме навика за читање квалитетни содржини, како еден поинаков начин на исполнување на слободното време – рече Чавдаровска.

„Интимен театар“, како и хотел „Театар“, кои се во ист објект, исто така се вклучуваат во поддршката на продавачите и на „Лице в лице“. Тие бесплатно го отстапија просторот за промоцијата, а ќе поканат и свои гости кои ќе се соживеат со приказната наречена „Лице в лице“ во Битола.

Актерката Маја Андоновска, пак, на својот блог напиша:

„ Затоа што во мојот град има сиромашни семејства, лица со посебни потреби, маргинализирани групи и затоа што со ова списание тие добиваат шанса за достоинствен начин на заработувачка, затоа што некој помислил и на нив, без да ги одмине, затоа што пружиле рака на пружената рака. Затоа велам ДА за „Лице в лице“! Секој купен весник е парче среќа, парче леб, парче добрина, парче хуманост! За нас малку – за нив многу“.

1395266_521551784597939_2111349416_n-520x709

Струшката промоција на осмиот број на „Лице в лице“, пак, ќе се одржи в петок, во 20.30 часот во кафулето „Арт“. На промоцијата ќе настапи хор од Државното средно музичко училиште од Струга, „Тодор Скалоски – Тетоец“, а ќе има и музичка придружба на повеќе инструменти. Настанот е планиран како перформанс на кој учениците ќе ги покажат своите таленти, а ќе го најават и својот редовен предновогодишен концерт. Дел од хористите беа вклучени и во уличниот поетски перформанс кој го направи Здружението Иницијатива за независен културен активизам ИНКА од Струга за промоцијата на шестиот број на „Лице в лице“, летово во струшката чаршија.

„Лице в лице“ е активистичко списание кое го промовира моделот на социјално претприемништво кај нас. Го продаваат младинци на улица, бездомници, лица со попречености, припадници на маргинализирани групи наши сограѓани, а половина од продажната цена на списанието оди директно за нив. „Лице в лице“ е дел од Регионалната платформа за активизам, која во Македонија ја спроведува Центарот за медиумски активности од Скопје.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top