| четврток, 6 декември 2018 |

Јасмин Реџепи: Филмот ја прелеа чашата, но насилството не е решение

Интервју со Јасмин Реџепи, претседател на невладината организација „Легис“, објавено во 3-от број на неделникот „Република“ (21 септември 2012)

Jasmin-Redzepi-1

Сѐ додека никој од медиумите не ја пренесува проблематичната содржина на филмот „Невиноста на муслиманите“, нема да има провокации во земјава. Насилството не е решение, туку проблем што може да доведе до поголемо насилство и оправдание за разгорување на досегашните конфликти во муслиманските земји. „Република“ разговараше со Јасмин Реџепи, претседател на невладината организација „Легис“, кој е и копреведувач и главен уредник на преводот на светата книга Куран на македонски литературен јазик, а учествувал и во преводот на биографијата на пратеникот Мухамед.

Гори американското знаме, запалена е сликата на американскиот претседател Обама. Незадоволството во исламскиот свет сè повеќе расте по објавувањето на рекламниот спот за филмот „Невиноста на муслиманите“. Зошто муслиманите на протести изразуваат незадоволство од целиот христијански свет, кога филмот е приватна продукција на Американец? Расте ли гневот кај муслиманските верници во Македонија?
Реџепи: Tокму тука лежи моето несогласување со нив. Овие протести не можат да бидат како тие против карикатурите во Данска зашто тука Владата на САД ја окарактеризира оваа провокација и навреда како индивидуална, воедно осудувајќи ја и оградувајќи се од неа. Данска, организаторот и карикатуристите не го направија тоа до денес. Муслиманите никогаш не ги навредуваат Мојсеј и Исус, зашто тие се признати пророци во исламот, а секое исмевање со нив би било исмевање со исламот, како исмевање со Мухамед, па затоа длабоко ги навредува доколку тоа некој го прави намерно.

Сепак, милионите цивилни жртви во муслиманските земји во борбата против „тероризмот“ се главниот гнев против Западот, а филмов само ја прелеа чашата. Насилството не е решение, туку проблем што може да доведе до поголемо насилство и оправдание за разгорување на досегашните конфликти во муслиманските земји.

Жалам што некои луѓе се повеќе поведени од емоциите отколку од рационалното, па место мирни протести, сеат неред и насилство искривувајќи ја така сликата за исламот и за муслиманите, додека, пак, медиумите воопшто не обрнуваат внимание на мирните протести низ светот, кои се вистински одраз на исламскиот мирољубив дух.

Секако дека и муслиманите во Македонија се длабоко навредени од оваа преевтина продукција, но, како и секогаш, не избрзуваат и се координираат со своите верски лидери, интелектуалци и со граѓанскиот сектор. А, сите тие тврдат дека овој нискобуџетен филм не е достоен за толкаво внимание или, пак, да биде причина за какви било безредија. И сè додека никој од медиумите не ја пренесува проблематичната содржина, нема да има провокации во земјава.

Медиумите треба да се потрудат да ја сочуваат традиционалната култура на почитување и на ненавредување меѓу муслиманите и христијаните во земјава.

Во Кабул студентските протести поминаа мирно, во Сараево својот револт го изразија група млади луѓе со пароли. Дали во Македонија се планира вакво нешто?
РеџепиКолку што сум запознаен, никој соодветен фактор кај муслиманите во Македонија не организира вакво нешто. А, доколку има во иднина, тоа ќе биде самоиницијативно, како и секогаш.

Jasmin-Redzepi-2

Во знак на протест поставив своја фотографија со натпис на маицата: I love my Prophet, фотографија со натпис на која јасно пишува дека сум навреден и дека протестирам против филмот, како и неколку спотови и текстови од биографијата на пратеникот Мухамед. Но, и статуси во кои ги осудувам насилните неисламски протести на групи или на поединци затоа што тоа не е според традицијата на нашиот сакан, ценет и почитуван пратеник Мухамед

Постои ли опасност, доколку се соберат група луѓе на протест, ситуацијата да излезе од контрола или целиот собир да биде искористен во нечија полза? Дали токму поради тоа ја отфрлате идејата за јавен протест?
РеџепиЈас не го негирам правото на протести или на јавно искажување незадоволство на граѓаните. Напротив, тоа е нивно право, но мора да биде искористено мудро и мирно. Муслиманите и до сега неколкупати протестирале поради различни причини, а ништо не излегло од контрола, но, сепак, биле злоупотребени од страна на некои медиуми, кои во своите известувања ја менувале суштината на протестите и ставале акцент на изолирани минимални инциденти.

Затоа сметам дека нашето незадоволство од нискобуџетниот исламофобен и неморален навредлив филм, кој сам по себе зборува за интелектуалното и за моралното ниво на својот нарачател, треба да го изразиме на едно повисоко интелектуално ниво, со поквалитетни едукативни, документарни и историски спотови, книги, брошури и со дебати во кои ќе ги прикажеме личноста, карактерот, делата и вистинските доблести на последниот Божји пратеник Мухамед, кој е единствен импозантен пример за побожност, добрина, благост, мудрост, човечност, човекољубивост, мирољубивост, праведност и на истрајност за една и пол милијарда луѓе во светот.

Ваквите настани, според многумина, ќе придонесат кон вистинско информирање, а со тоа и кон подобро заемно разбирање меѓу муслиманите и немуслиманите во земјава, како и кон заемно почитување на светоста што ја имаат, а која никогаш не смее да биде предмет на поигрување или на провокација.

Вас лично, како верник, претпоставувам, Ви се повредени религиозните чувства од начинот на кој авторот на филмот Басли Накула го прикажува пратеникот Мухамед, како се соочувате со тоа? На вашиот профил на „Фејсбук“ објавивте напис како Ваш протест, што ќе преземете друго?
РеџепиЈас лично ги споделувам емоциите и револтот со моите сограѓани муслимани кон ова евтино недело. За жал, вакви навреди и провокации сè почесто ни се случуваат во светот, па не претставуваат нешто ново, туку напротив, нешто проѕирно.

Во знак на протест поставив своја фотографија со натпис на маицата: I love my Prophet, фотографија со натпис на која јасно пишува дека сум навреден и дека протестирам против филмот, како и неколку спотови и текстови од биографијата на пратеникот Мухамед. Но, и статуси во кои ги осудувам насилните неисламски протести на групи или на поединци затоа што тоа не е според традицијата на нашиот сакан, ценет и почитуван пратеник Мухамед.

Исто така, и нашето Здружение за заштита на културните и на духовните вредности „Легис“ го објави својот став и осуда за навредите на верските чувства на муслиманите, како и осуда на насилните протести што повеќе им штетат на исламот и на муслиманите од самиот филм, а воедно ќе им се приклучи и на другите претставници на граѓанскиот сектор во нивните интелектуални активности, кои ги спомнавме претходно, за едукација на муслиманите и на немуслиманите за ова прашање бидејќи наша должност кон нашите граѓани е да ги упатуваме на добро, а да ги одвраќаме од зло.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top