
Министерот за животна средина, Абдулаќим Адеми, најави порадикални мерки доколку утре не се промени состојбата со загаденоста на воздухот.
– Загаденоста на воздухот е комплексна проблематика, бара повеќе координација, особено од државните институции на локално ниво и централната власт, како и со невладиниот сектор и граѓаните – рече Адеми, нагласувајќи дека за квалитетот на воздухот свое влијание имаат индустријата, сообраќајот, грејната сезона, метеоролошките и климатските услови.
Ана Чоловиќ-Лешоска од невладината „Еко свест“ предложи мерка за најизменично движење на возилата со парни и непарни броеви, но и целосна забрана на сообраќајот во централното градско подрачје, целосно запирање на градежните работи и забрана за користење калциум магнезиум ацетат во градежништвото.
Забраната на сообраќајот, според Адеми, во вакви услови ќе има минимално влијание, односно подобрување до два-три отсто, а истовремено се создаваат други жаришта.
– Идејата не е ова да се префрли на друга локација, туку да најдеме начин да се надмине проблемот – рече Адеми и апелираше до граѓаните да користат јавен превоз.
Според информациите на УХМР, утре и в среда ќе има промени на времето и се очекува подобрување на квалитетот на воздухот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


