На влезот од с. Мирковци, во постарата црква на манастирскиот комплекс ,,Св. Илија” регистриранa е база од мермерен бел столб од доцноантичка или средовековна градба, кој како сполија е вкопан во левиот агол на објектот, на ниво на подот. На излезот од манастирскиот комплекс, во блиската нива можат да се пронајдат остатоци на керамички садови од средновековниот период, а на аголот од нивата, на излезот кон главниот пат на селото Мирковци, може да се забележи дислоциран и прилично оштетен архитектонски наод од бел мермер, кој веројатно бил дел од некоја градба .

На околу 700 м. оддалеченост од манастирот ,,Св. Илија”, во ограден двор се наоѓа релативно новата црквата ,,Св. Богородица Пречиста”. Во дворот на оваа црква како дел од оградата повторно се наоѓа сполија, столб со големи димензии од карпа со вулканско потекло кој е прилично оштетен, но упатува на претпоставката дека најверојатно бил дел од некој објект од доцноантичкиот или средновековниот период. Самата конфигурација на теренот со остатоци од камена структура во форма на полукружна апсида упатува на можно постоење на одреден објект од сакрален карактер. Површински наоди не се пронајдени и без археолошки сондирања или пак ископувања, прилично е тешко да се согледа карактерот на оваа градба.

Во самата црква покрај еден од ѕидовите се наоѓа дислоциран капител, кој бил дел од мермерна архитектонска пластика на ранохристијанска базилика. Наодот е прилично оштетен и изабен, што упатува на неговата секундарна употреба како сполија во други подоцнежни архитектонски објекти. Според остатоците од восок и перничето за седење на него, може да се согледа дека бил користен за разни потреби и намени поврзани со фолклорот и верувањата на луѓето. Капителот е масивен, тежок и обработен на двете бочни страни со различни сцени. На едната страна е претставен крст фланкиран од двете страни со волути, а на другата страна е претставен четириесет и првиот Давидов псалм, кој е еден од најфреквентните мотиви во ликовната декорација кај спомениците од христијанската епоха. Според димензиите, формата како и овалниот жлеб од горната страна, се работи за капител кој бил дел од мено на прозорец од ранохристијанска базилика со големи димензии

Според археолошката карта на Република Македонија во с. Мирковци, до сега се регистрирани два археолошки локалитети. На топонимот Преку Река (со нејасна географска одредница) евидентирани се повеќе споменици, т.е. наоди од римско време кои се чуваат во Лапидариумот на Музејот на Македонија. Северно од селото, кај топонимот Шуманица, евидентирана е некропола од доцноантичкото време. Во селските ниви се констатирани остатоци од гробови со гробни конструкции од камени плочи кои мештаните ги уништувале при обработката на земјата, но тие до сега не се детално опишани и научно публикувани. Исто така, во при претходна проспекција на теренот од археолози, над самото село е евидентирано утрвдување од доцноантичкиот период.

Најновите сознанија од 2013 година укажуваат на постоење на архитектонски градби од доцноантичкиот или средновековниот период, чиишто елементи се употребувале како сполии во објектите од подоцнежните периоди. Присуството на капител од ранохристијанска базилика ни укажува на претпоставката дека во околината би требало да бараме остатоци од голема градба со сакрален карактер која најверојатно егизстирала во исто време со градот и некрополата.

Археолошкиот локалитет кај селото Мирковци го воведуваме во научната литература под работниот назив ‘Балкалија’. Сублимираните информации ги доставуваме до стручната и медиумската јавност со цел да послужат за некои идни пообемни истражувања. Целосниот стручен извештај од теренската проспекција во писмена форма е доставен до Управата за културно наследство на Република Македонија, Музејот на град Скопје и Градскиот конзерваторски центар.

Фото: ХАЕМУС.
М-р. Василка Димитровска, археолог
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


