Спектакуларно простување од единствениот клуб за кој настапувал, Ајнтрахт, вечерва во Франкфурт имаше македонскиот голман Ока Николов. Навивачите му приредија незаборавно доживување на 39-годишната легенда на клубот, со прекрасна кореографија. Целата трибина позади голот беше обоена во клупската црвено-црна боја, а симпатизерите на Ајнтрахт испишаа парола „Ти благодариме Ока“.
„Ти благодариме Ока за сите 19 години што ги мина во клубот. Нема никогаш да те заборавиме“, беше најавата на официјалниот најавувач на вечерашниот меч меѓу Анјтрахт и Аугсбург, што заврши нерешено 1-1. Ока пред стартот на дуелот имаше чест да ги највиа составите на двата тима, а публиката го поздрави со стоечки овации.
Интересен момент е што Николов доби уште едно огромно признание за посветеноста и љубовта кон Ајнтрахт, а последниот патоказ кон „Комерцбанка арена“ како што се нарекува стадионот во Франкфурт на кој игра Ајнтрахт го доби неговото име и презиме, Ока Николов.
Навивачите на Ајнтрахт формираа група на Фејсбук, со барање до раководството на популарните „орли“ да организираат проштален меч за нивната легенда, Николов.
„Навистина уживав во текот на целата кариера во Ајнтрахт. За жал по 19 години прекрасната авантура во Франкфурт заврши. Ќе ми недостасувате сите“, рече Николов.
Тој беше капитен на Ајнтрахт, а со 415 меча за тимот е во топ-10 играчите со најмногу настапи за „орлите“ од Франкфурт. Николов најави дека ќе продолжи да брани во МЛС лигата во САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





