| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија е голема приказна (ВИДЕО)

На самиот почеток од најавата на босанската телевизија БХТ за емисијата „Интервју 20“ во која гостува премиерот Никола Груевски се вели дека Македонците во Босна и Херцеговина најчесто ги паметат по убавата музика, скопската чаршија и, секако, убавината на Охрид и на Влатко Стефановски

На самиот почеток од најавата на босанската телевизија БХТ за емисијата „Интервју 20“ во која гостува премиерот Никола Груевски се вели дека во Босна и Херцеговина најчесто ги паметат Македонците по убавата музика, скопската чаршија и, секако, убавината на Охрид и на Влатко Стефановски.

Македонците отсекогаш ги доживуваме како топли и отворени луѓе, а многумина од поранешните југословенски простори тајно им завидуваа на кујната и специјалитетите. Така, Македонците своите кулинарски умешности ѝ ги промовираа и на овој начин.  Иако јазикот им е поинаков од босанскиот, српскиот или хрватскиот јазик, со Македонците веднаш ќе се разберете и без никакви проблеми. Ако имате проблем, тие ќе ви помогнат и без да им побарате помош. Македонија – тоа е голема приказна, се вели во воведот.

Како што пренесува БХТ, Македонија денеска е многу поинаква од што многумина ја паметат во осумдесеттите и деведесеттите години. Привлекување инвестиции, промовирање во странство, силно лобирање… Ова накратко го опишува тоа што официјалните лица на оваа поранешна југословенска република го прават денес.

– Тука не се стои, сѐ забрзано оди напред, кон нови бизнис идеи… Надлежните силно лобираат, патуваат низ светот, имаат прецизно дефинирани тактики и стратегии. Еве еден пример. Во Македонија за еден или два часа може да регистрирате фирма, а државата ќе ви помогне и ќе ве ослободи од давачките доколку вашите производи се наменети за извоз, цената на земјиштето со изградена инфраструктура е исклучително ниска, а ќе добиете и дополнителен поттик, средства за развивање бизнис во оваа држава. Едноставно, Македонците знаат што прават.  Тие не чекаат самити и конференции за потоа да развиваат проекти, проектите веќе им се подготвени и направени по сите меѓународни стандарди. Еве уште еден пример. Во нашата претходна емисија, претседателот на советот на министри Вјекослав Беванда потврди дека БиХ од Кина осигурила 5 плус 4 милиони евра за помош на бегалците. Поголемиот дел од медиумите во земјата тоа го пренесоа како добра вест. Но, дали тоа навистина е добра вест, проценете кога ќе го слушнете ова. На истиот самит, претставниците на Република Македонија добија 570 милиони евра, пренесува БХТ.

Во Букурешт заминаа со два проекти за два автопати, а пред самитот официјалните лица на Македонија ја посетуваа Кина, лобираа и договараа.

За премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, БХТ вели дека веројатно е најзафатениот премиер во регионот.

– Термин за снимање добивме в сабота, во 13 часот, но со снимање почнавме дури околу 16 часот.  Иако беше викенд, сите вработени во македонската влада, министрите, беа на работа. Владата заседаваше исто како да е понеделник или среда. Без нервози или негодувања – стои во најавата за интервјуто.

Да се вратиме на премиерот Груевски…

– Додека македонската опозиција континуирано му приговара дека повлекува сосема погрешни потези, тој на овие коментари не обраќа многу внимание. Едноставно вели: „Таквите мислења се дел од работата на опозицијата“. Со доаѓање на власт имаше цел да привлече што повеќе странски инвестиции, па Груевски презеде неколку нови и сосема неочекувани потези.  Најупадливиот е изградбата на разни споменици и историски обележја. Така во Скопје се нижеа нови плоштади и споменици, а највпечатлив е Александар Велики.  Се градат споменици, се пеат песни, се снимаат промотивни спотови и се емитуваат на престижни телевизиски станици, како што е „Си-Ен-Ен“.  Некои велат дека спомениците Груевски ги гради од инает кон Грците, а тој вели дека проблемот со Грција трае многу подолго од што постојат спомениците – пренесува БХТ.

Телевизијата напоменува дека во Скопје и Македонија не се градат само споменици, се градат и згради. Овој месец беше отворена и прекрасната зграда на македонскиот театар.

– И додека некои Македонци велат дека нема потреба да се оди толку длабоко во минатото, Владата не обрнува внимание и продолжува со градење за, како што велат тие, земјава да ја направат привлечна не само за странските инвеститори, туку и за туристите – вака завршува воведот од најават за интервјуто на премиерот Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top