| четврток, 6 декември 2018 |

Доделени првите три лиценци за овластени проценувачи од областа на авторското право и сродните права

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска во „Порта Македонија“, во присуство на претседателката на Комората за проценувачи, Надица Младеновска-Крцковска, ги додели првите три лиценци за овластени проценувачи од областа на авторското право и сродните права, во согласност со Законот за процена, донесен од страна на Министерството за правда. Носителите на првите три лиценци, кои во целост ги исполнија условите за стекнување на статусот овластен проценувач, се: трговското друштво Друштво за производство, промет и услуги АБЦ – БРОТХЕР ДООЕЛ Скопје, трговското друштво Друштво за производство, инженеринг, трговија и услуги ПУМ МИГ ДООЕЛ Скопје и трговското друштво Друштво за ревизија БДО ДОО Скопје.

DSC_0026

Овие правни субјекти, лиценците за процена на авторското право ги добиваат врз основа на исполнување на сите законски услови пропишани со Законот за процена врз претходно утврдена метологија објавена во Службен весник која предвидува исполнување на посебни критериуми и полагање писмен и устен испит пред комисија составена од реномираните експерти од оваа област: проф. д-р Валентин Пепељуговски, проф. д-р Јадранка Дабовиќ и доц. д-р Александар Стојковски.

Министерката за култура при врачувањето на лиценците истакна дека објективната процена на авторското право е од особена важност и дека овие правни субјекти во наредниот период се целосно квалификувани да вршат процена на вредноста на  авторското право и сродните права и да дадат свој придонес во деловната или во судската практика, како и при пренос на правото на сопственост, определувањето на вредноста на овие права како капитал и во многу други ситуации.

– Вршењето процена на авторското право и сродните права, заснована врз основните начела утврдени со Законот за процена,  убедена сум, ќе има големо значење и за унапредувањето на оваа област како од аспект на поуспешно и посоодветно остварување на овие права, така и од аспект на нивната заштита. Процената ќе овозможи дополнително зајакнување на заштитата на интелектуалната сопственост што ќе ја стимулира креативноста и оригиналноста на македонските автори – рече Канческа-Милевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top