| четврток, 6 декември 2018 |

Треневски го води Заврч кон Гинис

Македонскиот тренер Виктор Треневски неверојатно добро го води словенечкиот клуб Заврч, а патот кон Гинисовата книга на рекорди е трасиран. Фудбалскиот клуб Заврч по првиот дел од сезоната го дели второто место, а ако издржи докрај ќе заслужи место во историјата.

Интересно е што Заврч е селце во Словенија со само 80 регистрирани жители, а ако докрај ја задржи сегашната позиција на табелата во словенечката Прва лига, има гарантиран настап во еврокуповите. Тоа би бил подвиг за аналите како клуб што доаѓа од место со најмал број жители, што учествувал во европските натпреварувања.

– Постојано ми честитаат за пласманот на третата позиција, но јас не ги сфаќам честитките премногу сериозно. Не е умно да се слави на половина пат. Знам дека во вториот дел од сезоната ќе биде потешко, веќе не сме изненадување, противниците ќе не сметаат за сериозен ривал. Притисокот ќе порасне и со тоа ќе мора да се сптравиме, ако сакаме во Европа – вели Треневски.

Заврч има 36 бода, исто колку и Копер, а два помалку од лидерот Марибор. Интересно е што избраниците на Треневски го победија шампионот Марибор и тоа на гостински терен со 4-3, а патем се и најдоба домашна екипа во првиот дел од елитната фудбалска лига во Словенија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top