| четврток, 6 декември 2018 |

Град Скопје денеска ќе донесе одлука за продажба на пакет-акциите во ФК Вардар од 51 процент

Советот на Град Скопје денеска одлучува дали ќе го продава пакетот од 51 процент акции во фудбалскиот клуб Вардар, а седница моментно е во тек. Постои расположение за продажба на управувачкиот пакет, а комплетниот трансфер да биде направен сосема транспарентно.

„Во тек е седницата на која ќе се одлучува за продажбата на пакетот од 51 процент. Ако се донесе одлука за продажба, потоа ќе има јавно наддавање по електронски пат за вредноста на акциите. Сакаме се да биде направено во законски рамки и транспарентно. Дури потоа би следело ново Собрание на Вардар, со кое евентуалниот нов инвеститор ќе си одреди дел од раководните луѓе во структурите на клубот“, ни изјави актуелниот претседател на ФК Вардар, Зоран Шишковски.

Како најсериозен кандидат е посочен Сергеј Самсоненко, моментно спонзор на ракометните клубови Вардар, РК и ЖРК.

Процедурите, ако дојде до продажба на управувачкиот пакет-акции и тоа во блок трансакција, треба да се завршат побрзо за да се организираат зимски подготовки на фудбалерите, да се ангажираат засилувања, да се реорганизира клубот.

Останатиот дел од 49 проценти на акциите во Вардар ги има АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, или попознато како поранешен ПУИГ. Дали и оттаму постои расположение за продажба на дел од акциите на берза не се знае. Од тој пакет-акции евентуално би можеле да купат акции во клубот обичните луѓе и симпатизери на ФК Вардар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top