Идејата Вугринец да добие македонско државјанство не е нешто што се случило одеднаш.
– Понудата ја добив уште пред половина година и од почеток не ја сфатив сериозно, мислев дека е некаква шега. Но подоцна, по неколку сериозни разговори, видов дека сепак се работи за сериозна понуда за која вреди да се размисли. Кога една земја ќе ви понуди државјанство, тоа е голема чест што треба да ја оправдате. Седнав со семејството и разговарав за тоа дали мене ми треба тоа, дали со моето присуство ќе ѝ помогнам на македонската репрезентација, што потоа, бидејќи таквиот чекор носи и голема одговорност, како за мене така и за моето семејство – вели леворакиот бомбардер на „Металург“ во интервју за „Нова Македонија“.
Прифаќањето на македонското државјанство за Вугринец претставува и опција плус. Можност тој со семејството по завршувањето на професионалната кариера да продолжи да живее и да работи во Македонија.
– Една од причините поради кои го прифатив македонското државјанство е тоа дека ми се допаѓаат животот и луѓето во Македонија. И со семејството размислувавме по завршувањето на кариерата да останеме да живееме тука. Македонија и Скопје нудат одлични услови за живот, како за младите така и за возрасните. Досега од сите места каде што сум живеел тука животот ми е економски најисплатлив. Ми се допаѓа тоа што луѓето и во оваа економска криза излегуваат на кафе, се смеат, дејствуваат позитивно, што во Словенија не е случај. И моите деца изненадувачки брзо се вклопија во средината. Две од нив одат во градинка, а најголемата ќерка (девет и пол години – н.з.) оди на училиште каде што наставата ја слуша на македонски и на англиски – вели Вугринец, кој додаде дека целото семејство ја обожава македонската кујна, особено скарата, готвените јадења и незаменливото гравче-тавче.
Покрај Вугринец, како засилување за македонските репрезентативци пред предизвикот ЕП 2014, македонската селекција дополнително се засили со натурализација и на српскиот бек Немања Прибак од Вардар.
– Јасно е дека и РФМ и стручниот штаб на репрезентацијата имаат амбиции за ова ЕП и сметам дека тоа што натурализираа двајца ракометари доволно говори за тоа што се очекува од нас како репрезентација. Но морам да кажам дека овој пат нема да стигнеме толку лесно до успех како што се случи пред две години, бидејќи тогаш македонските ракометари играа практично на домашен терен и публиката беше мотив и играч плус. Сега ќе бидеме посиромашни во тој поглед, но сите ќе го дадеме последниот атом од силата за што подобар пласман – кажа Вугринец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


