| четврток, 6 декември 2018 |

Клучна асистенција на Антиќ за победа на Атланта против Вашингтон (фото+видео)

Перо Антиќ и Ал Хорфорд беа клучните кошаркари во победата на Атланта хоукс по едно продолжение против Вашингтон визардс. Македонскиот репрезентативец конечно доби шанса да настапи во декември и на најдобар можен начин возврати, со асистенција за триумф. На 1,8 секунди до крај на дополнителните 5 минути, Антиќ го пронајде Хорфорд, а најдобриот поединец на мечот ја уфрли топката во кошот. Акцијата за победа можете да ја видите овде.

Видео снимката покажа дека се е регуларно, а Хоукс славеа со 101-99, откако во регуларниот дел беше нерешено 86-86.

„Ваква акција работевме на тренинзите. Антиќ ми додаде прекрасен пас за победа. Имавме три опции, јас да упатам последен удар, Пол (Милсап) или Кајл (Корвер). Ги надмудривме со последната акција“, изјави Хорфорд. Антиќ му асистираше преку сите играчи, додавањето требаше да биде за забивање, а Хорфорд погоди преку Тревор Букер.

peri

„Требаше да биде асистенција за забивање, но немав време за размислување и штом ја дофатив топката ја уфрлив во кошот“, рече Хорфорд.

Антиќ одигра неполни 13 минути и постигна 4 поени, комбинирани со 4 асистенции, последната од нив за триумф. Македонскиот репрезентативец имаше два обиди за два поени, погоди еднаш, а промаши и шут за три поени и уфрли две слободни фрлања од два обиди.

pece

Хорфорд доминираше на мечот, со супер дабл-дабл учинок од 34 поени и 15 скока. Милсап и Корвер додадоа по 16 поени, а Атланта ја забележа дванаесеттата победа во 23 натпревари.

Кај Вашингтон, Букер беше најефикасен со 24 поени, а имаше и 14 скока.

peki

Останати резултати: Индијана -Шарлот 99-94, Торонто – Филаделфија 108-100, Орландо – Кливленд 100-109, Бостон – Њујорк 90-86, Детроит – Бруклин 103-99, Њу Орлеанс – Мемфис 104-98, Оклахома – Л.А. лејкерс 122-97, Милвоки – Чикаго 90-91, Сан Антонио – Минесота 117-110, Денвер – Јута 93-103, Феникс – Сакраменто 116-107, Голден стејт – Хјустон 112-116.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top