Во понеделникот се одржа седумнаесеттата Ораторска вечер на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во чест на еден од најпочитуваните професори Иво Пухан, а своите ораторски способности ги покажаа 12 финалисти.
Како новитет оваа година првпат беше воведена наградата „Бранко Ѓорчев“, во чест на актерот кој 12 години беше дел од тимот кој работеше со говорниците. Наградата ја доделува неговото семејство, а оваа година ја доби новинарката Марија Димишкова. Покрај оваа награда, Димишкова го освои и второто место со нејзиниот говор за озборувањето и „соседското“ секојдневие во кое живееме.
– Специјалната награда „Бранко Ѓорчев“ е големо признание. Голема чест и неизмерна радост. „Бранко Ѓорчев“ беше вистински учител. Посветен, искрен и темелен човек. Настојуваше на труд и големи вложувања, а резултатите и денес сведочат за неговото влијание. Горда сум што бев негов ученик, а уште повеќе што оваа година специјалното признание е во мои раце. Благодарност до семејството Ѓорчеви и неговите најблиски – истакнува Димишкова.
Марија Димишкова во 2008 година првпат настапи на Ораторските вечери, а веќе следната 2009 година беше прогласена за најдобар оратор. По кратка пауза повторно се качи на бината, како студент на постдипломските студии по Односи со јавност на Правниот факултет.
– Трета среќа во вистинска смисла. Ми недостасуваше енергијата на публиката, убавите моменти поминати со колегите, можноста повторно да се работи со веќе докажаните професори. Голема е одговорноста да се застане на говорницата. Оние кои се одлучувaат на ваков чекор се храбри и амбициозни млади луѓе кои имаат што да кажат. Споделуваат идеи и размислувања, а аплаузот и честитките им се најголемата награда. Нашата мисија не е пораката да биде слушната само таа вечер, туку да остане во срцата на присутната публика и денови потоа – изјави Димишкова.
Таа во моментов работи како новинар и презентер во едно скопско радио.
– Љубовта кон говорењето ја негувам секојдневно. Уживам во магијата на медиумот. Нема ништо поубаво да го будите градот наутро и да уживате во мирисот на топол чај испиен со колегите на работа – вели Димишкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.