Програма за широки внатрешни цели
СДСМ се обидува новата економско-пропагандна програма да ја доближи до граѓаните. Внатре се обидува да ги доконсолидира силите со стари зајакнувања, притоа да се сокрие поделеноста меѓу оние што се залагаат за елитизам и оние што бегаат од него.
Внатрепартиски борби и превирања на идеи има во сите политички структури. Оваа пред-предкампања е по тертипот на „жешкото лето“. Но, додека карванот на СДСМ се тетерави низ општините презентирајќи дека зимскиот распуст треба да се растегне за развој на туризмот, ќе треба и да се објасни зошто, откако слегна правта од собраниската говорница, гласот на партиската централа ги оцени гласачите како ненормални. Секако, нели, ако го дале гласот за ВМРО-ДПМНЕ. И дека тоа не е заостанат елитизам кој ги одвраќа граѓаните.
Елитизмот ја следеше оваа партија со години. Па, тогаш колку може да се верува на брзата „транзиција“ на ставовите на истите ликови кои до неодамна презентираа дијаметрално спротивни ставови? Како надополнување кое ги открива тие прашања се и пораките кои членството си ги праќа меѓусебно – дали елитизмот заминал со Бучковски или, пак, останал во партијата како волкот во јагнешка кожа. Не друго, туку тоа се пренесува и на поделбата на современите јавни гласила – новиот опозициски медиумски гуру за елитизам ги обвинува неговите претходници.
Нејсе, да се вратиме на тоа каков призвук имаат ставовите за новата програма посветена на граѓанинот, како што се економско зајакнување или нова даночна платформа. Проблемот во целиот тој приказ, колку и да нема сомнеж во искреноста, е можноста на политичките опоненти само малку да загребат по историјата за да сѐ изгледа како маска. Особено што во СДСМ, ненавикнати на она што го оцрнуваа како популизам, сега тешко ќе можат да го претстават како вистинска грижа, а не само како паушално претставување. При тоа не се прикажува едногласност. Ги нема актуелните пратеници на тие средби, чиниш тие не произлегле од „разумните“ гласови. Колку за амбиент.

Хипотека како црн облак
Новиот лик на лидерската позиција требаше да го отфрли тој елитизам, чиниш со орото среде Струмица тоа ќе се истресе како прав од костум. Но, пред оние на кои им се обраќа со порака за средна класа, Заев се сопна на првата пречка. „Неговите“ струмички земјоделци, најголемиот извозен центар за раноградинарски производи, може да се најдат под голем удар поради краставичките на неговиот братучед. И наместо да побара да биде расчистен случајот кој може да ги засегне сите, новиот лидер ги повика на одбрана на „кланот Заеви“, како елитен плашт за секое недело. Тука престанува рамноправноста и конкурентноста од програмата која им се нуди.
Токму во овој случај може да се препознае алката која недостига во новиот концепт. Опозицијата мора прво да ја надмине хипотеката дека ја исмеваше власта како селанска партија. А, хипотеката не е мала. Ако најревносни и во први гласачки линии уште во седум часот се пензионерите и земјоделците, борбата за нив навистина е тешка. Тие се и темелот на колективната меморија, како најголемиот барометар колку некому му оди во делот на социјалната политика. Во овој неколкугодишен период пензиите се зголемени повеќе од 40 проценти, а парите што стигаат во земјоделството преку субвенциите до пред неколку години не можеа ниту да се сонуваат. Сето тоа е значајно на теренот колку СДСМ и да се обидува да претстави економска математика дека стандардот е лош.
Кога е во прашање економијата, вработувањето и странските инвестиции се во игра и кај ова „популистичко-неелитистичко“ издание на СДСМ и покрај негирањето на патувачките шоуа на економските промотори и деловната клима. Програмата што сега ја промовира СДСМ се темели на старата програма која е објавена и на веб-страницата на партијата. Тоа што недостига во целото ЕПП за враќање на средната класа е дека концептот „економски политики за засилена економија и подобар живот за сите“, всушност, не се базира ниту на поврат на ДДВ ниту на капитални инвестиции, туку на влезот во НАТО како гарант на странските инвестиции. А, влезот во НАТО е поврзан со цврстината на новиот став за непроменливост на уставното име и идентитетските прашања. И тука се враќаме на почеток – дали се тоа непопуларните мерки што не би му обезбедиле втор мандат на Заев?
Доколку сѐ околу СДСМ мириса на изборен период, тогаш, пресликувајќи ја целата ситуација внатре, се чини дека изборите кои се посакуваат се само амбиент за финална пресметка. Односно, смена на најголемото огледало на елитизмот во партијата – пратеничкиот состав на Собранието. Тие, барем до сега, не ја следат заменик-претседателката Радмила Шекеринска во обидите да го облечат „новото руво“.
Затоа, пак, пратениците ги потпишуваат пораките со ОТПОР, ги манифестираат гестикулациите на стариот лидер, покажуваат висока незаинтересираност освен за високата мода во институциите, со прикажани девизни сметки со две евра (2,03) штедни депозити на анкетните ливчиња.
А еконоско-социјалната платформа? Таа ќе треба да помине низ уште неколку филтри кај јавноста. За да ѝ политиката излезе меѓу народот, ако веќе е наменета за нив. До тогаш ќе се нагаѓа на слепо што е, а што не е ново, досега неспроведено решение.
Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 65. број на неделникот „Република“, 29.11.2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


