| четврток, 6 декември 2018 |

Захариев: Реализиравме над 140 проекти кои се од преголемо значење за жителите на Штип

Градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев, денеска соопшти дека во општината за само 6 месеци се реализирани над 140 проекти кои донеле бенефит на граѓаните во градот, но и во селата.

Во проектите се вклучена патната инфраструктура и образованието, каде што со поддршка на Владата и на ЈП за „Државни патишта“, Општина Штип ги направила повеќето улици низ градот и во руралните средини, а се реконструирани и изградени нови училишта.

– Комплетно го реконструиравме училиштето во населбата Македонка кое е старо повеќе од 50 години. Децата добија модерно училиште, идеални услови за школување, а наставниците одлични услови за одржување на наставниот процес. Направивме сосема ново училиште во село Шашаварлија, а инвестиравме доста и во училниците и во основното училиште „Славејко Арсов“, како и во другите училишта во градот – изјави Захариев.

Тој нагласи дека посебно е инвестирано во нови водоводи и канализации, како и во игралишта и паркови.

– Моментално со Фудбалската федерација на Македонија, заедно со заедничко инвестирање, го работиме стадионот кој се наоѓа во населбата Бело Брдо, односно во населбата Леваци и кое ќе биде завршено напролет бидејќи половина од работите се веќе завршени. Извршивме реконструирање на неколку стадиони и тоа во населбата Балканска, а сега тоа го правиме во населбата Баби, а морам да истакнам дека моментално се гради едно игралиште кое се наоѓа во населбата Ново Село – рече Захариев.

Во своето соопштение градоначалникот ги спомена и инвестициите за рурален развој и соработката со штипскиот универзитетот „Гоце Делчев“.

– Во изработка сме на нова урбанистичка документација, посебно генералниот урбанистички план кој треба да донесе нова развојна компонента за Штип, кој треба да донесе реализирање нови проекти. Сите тие проекти треба да донесат бенефит во нашиот град – додаде Захариев.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top