Најдоцна до крајот на месецов МЖ Транспорт ќе добие колективен договор, со кој ќе се исполнат најголем број од барањата на вработените, најавува во интервју за МИА директорот Оливер Деркоски.
– Тој колективен договор ќе има многу сличности со колективниот договор во другата фирма, МЖ „Инфраструктура“ ,меѓутоа не може да биде целосно ист затоа што и не сме исти компании- најавува Деркоски.
Со инвестиции во износ од 50 милиони евра, обезбедени со кредит од ЕБОР, МЖ Транспорт ќе го обнови возниот парк, со товарни вагони, патнички возови и рехабилитација на локомотивите. Избраните консултанти веќе ги подготвиле тендерските документации. За една недела ќе се потпише и првиот договор со избраниот добавувач за набавката на 150 товарни вагони.
– Понудената цена од сите седум понудувачи беше пониска од она што беше нашето предвидување и веројатно тоа ќе ни овозможи да набавиме уште 20-ина дополнителни товарни вагони и со тоа ќе се обновиме со типови на вагони кои постојано ни се барани за превоз на стока, едните се платформи – рамни вагони, а другите се за превоз на руда, на јаглен- појаснува Деркоски.
Според Деркоски, планираната набавка на шест патнички возови: четири дизел-моторни и два електромоторни воза, цели гарнитури, ќе значи само прв чекор кон подобрување на капацитетите на патничкиот железнички превоз со современи возови, со сите стандарди. За набавката на возовите во трка се две компании. Од моментот на потпишување на договорот ќе поминат 12 до 14 месеци додека дојде првиот воз во Македонија. Пократки рокови не се можни бидејќи во светот нема возови на лагер, се изработуваат по нарачка.
Последните години заради влијанието на кризата пред се кај јужниот сосед од каде главно се врши транспортот од Солунското пристаниште, МЖ Транспорт и годинава ќе ја заврши во рамки на планираната загуба.
– Се уште дефинитивно не може да се кажат точните бројки. Оваа година успеавме да намалиме голем дел од трошоците. Значи, трошоците ги симнуваме во работењето, меѓутоа за жал падот на приходите е фактор којшто го оневозможува нормалното функционирање на нашата компанија и тоа ни задава поголеми проблеми во нормалното функционирање. Оваа загуба е генерална… Тука спаѓа и патничкиот превоз, тука спаѓа одржувањето како составен дел на нашата компанија и товарниот превоз. Кај товарниот превоз немаме некој особен пад, се движи меѓу 8 и 9 проценти, што со оглед на ситуацијата и не е толку лошо. Имаме пад кај превозот на патниците, не е дефинитивно колкав ќе биде, но е поголем од кај товарниот превоз. Кај одржувањето немаме зголемување на трошоците, напротив ги намаливме, меѓутоа она што значи намалување на приходи тешко се покрива- го пренесува МИА директорот Деркоски.
Тој истакнува дека МЖ Транспорт нема да ја зголеми цената на услугите. Кај превозот на патници цената моментно е конкурентна на автобускиот превоз, а ќе се работи на привлекување што поголем број патници. Ако во минатото најголеми корисници кај превозот на патници беа студентите сега нивниот број е намален со отворањето на дисперзираните факултети. Сега најголем дел од патниците се од Велес поради дневна миграција на велешани кон Скопје. Се планира тоа да се направи и со делот кон Тетово за што ќе се пушти еден од дизел-моторните возови почесто да сообраќа на релација Тетово – Скопје и Скопје – Тетово.
– Кога ќе заврши проектот за набавка на новите возови ќе го зголемиме и капацитетот на возови и тогаш ќе можеме да ја зголемиме фреквенцијата на возови, а се разбира со тоа се зголемува и бројот на патници. Ние сега трошоците секако ги правиме, меѓутоа бројот на патници го немаме. Со зголемување на фреквенцијата на возови и се разбира како помодерни превозни средства, климатизирани и со сите потребни стандарди, ќе се овозможи и зголемувањето на бројот на патници- истакнува Деркоски.
Иако возниот парк е стар и дотраен и постојано се оспорува безбедноста, според Деркоски, тимовите на МЖ Транспорт се трудат таа да се задржи на максимално ниво.
– Се што излегува на отворена пруга претходно е проверено дека е безбедно за одвивање на сообраќајот. Никој не може да гарантира дека не може да дојде до некој технички проблем во самото возење, меѓутоа сепак безбедноста е на високо ниво, посочува првиот човек на МЖ Транспорт и додава дека во последните години е намален обемот на дефектите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Се запали експресен воз во Германија, евакуирани 500 патници
-
Од Скопје до Солун само со автобус: Укината железничката линија!
-
Шилегов и МЖ промовираат вело-железнички јавен превоз, а Македонија останa без ниеден меѓународен воз
-
Македонските возови од наредниот месец нема да сообраќаат надвор од државава


