| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО– ДПМНЕ: Оштетувањето на споменикот е вандализам

car dusanОштетувањето на споменикот поставен на Мостот на цивилизациите е вандализам и сите што учествувале во овој настан треба да сносат одговорност, сметаат од ВМРО – ДПМНЕ.

Во реакцијата на владејачката партија стои дека за овој случај институциите треба да постапат согласно законот што го дефинира ова прашање.

Според партијата дебатата за процедурата на поставување на споменикот на цар Душан не смее да биде алиби за насилство и вандализам.

„Наметнувањето на дебата околу процедурата на поставувањето не смее да биде алиби и оправдување за било какво насилство или вандализам и да затскрие нечие неодговорно и нецивилизирано однесување на Мостот на цивилизациите. Споредбата со други случаи низ светот е дегутантна, а на таквото тврдење сигурни сме дека не веруваат ниту тие што го кажуваат”, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на пратеничката Ермира Мехмети – Деваја, дека не може со пари од даноците што ги плаќаат Албанците да се прават споменици на ликови кои сечеле глави на Албанци и дека не може уривањето на споменикот на Ленин во Киев да се нарекува борба за демократија, а обидот да се урне цар Душан – вандализам.

„Во Република Македонија живеат повеќе етнички заедници и ние сме должни да ги почитуваме културните и националните обележја на сите. Постапувањето со вандализам кон едните ќе предизвика вандализам и кон другите”, се вели во реакцијата на ВМРО – ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top