Светот денеска се збогува со поранешниот јужноафрикански претседател и икона на борбата за човекови права Нелсон Мандела. Официјалната комеморација ќе се одржи на стадионот „Сокер сити“ во Јоханесбург, каде што тој го одржа својот последен говор во 2010 година, а се очекува на неа да присуствуваат повеќе од 100 светски државници.

Меѓу лидерите кои ќе му оддадат последна почит на Мандела се генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун, претседателот на САД – Барак Обама, лидерот на Куба – Раул Кастро и премиерот на Велика Британија – Дејвид Камерон, претседателите на Франција и на Германија, Оланд и Гаук, шпанскиот премиер Маријано Рахој и принцот Фелипе.

Покрај светските лидери, и илјадници Јужноафриканци се собираат на стадионот за церемонијата во спомен на Нелсон Мандела.

Владата на Јужноафриканската Република соопшти дека нормалниот капацитет на стадионот „Сокер сити“ во Јоханесбург, кој изнесува околу 90 илјади места, нема да биде доволен за да ги прими сите што сакаат да се простат од Мандела, како и дека поради големиот број гости од висок ранг, обезбедувањето на собирот ќе биде засилено.
По церемонијата, посмртните остатоци на Мандела три дена ќе бидат изложени во седиштето на владата во Преторија, а предвидени се и дневни поворки низ улиците на јужноафриканската престолнина.
Мандела почина минатиот четврток во 96-та година од животот. Низ целата земја луѓето се молат, пеат песни против апартхејдот и палат свеќи, а стотици луѓе се собираат пред куќата на Мандела во северното предградие на Јоханесбург, каде што тој почина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


