
Уништени се 36 пластеници засадени со зеленчук и овошје во скопско село Грчец. Сопствениците се револтирани од овој низок криминален чин, а прстот го вперуваат кон своите македонски соседи, бидејќи според нив, чинот се случил само една ноќ после веста за обид да се урне споменикот на цар Душан, јавува Алсат М.
„Ова се случи по обидот за уривање на споменикот на цар Душан. Таа ноќ дојдоа после три часот и ја направија оваа штета. Тоа го имаат направено тие од село Шишово, се знае од другата страна, да не им го споменувам името. Кај соседните не се исечени, туку само кај Албанците“.
„Убеден сум дека македонската страна ни ја направи оваа штета. Поради цар Душан. Убеден сум, милион посто дека се од нив. Македонските се таму, ниту една не е оштетена“, вели сопственикот на земјиштето.
Случајот е пријавен во полиција, но жителите не веруваат во разрешување на случајот, бидејќи, како што велат, тие и претходно имале вакви вандалски случаи, но нивните сторители не се откриени.
„Ова не е прв пат што ни го прават. И во други случаи правеле штета, но овој пат сѐ уништиле. Никогаш не се случило вака. Вчера го пријавивме случајот во полицијата, рекоа дека ќе преземаат мерки, ние веруваме дека тие треба да преземат мерки, затоа што ова не е мала штета. Сета штета е 11 илјада евра“.
„Ако не преземе мерки полицијата, ние лично ќе преземаме мерки и да видиме до каде ќе стигне работата“, додава сопственикот на земјиштето.
Повеќето од жителите на ова село егзистенцијата ја обезбедуваат од земјоделство. Предизвиканата штета, според нив, не е само материјална, туку и душевна.
„Една фолија чини 10 илјади денари. 36 парчиња, па пресметајте. Спанаќот целосно е оштетен. Марулата, спанаќот, сѐ… Што се случува во Центар, некој конфликт, а проблемот ни се случува и нас“.
„Тоа не го држи, ниту дождот, ниту снегот. Овде, во оваа фолија веќе нема бериќет. Овие ги исекоа прек лани, а ние ги крпевме. Повторно дојдоа и сечеа. Тоа е голема штета. Секоја фолија чини 10 илјада денари, но чини многу повеќе, бидејќи е оштетен бериќетот. Тој чини 300 евра. Семето, трудот, сѐ што сме сториле“, вели сопственикот.
Од Секторот за внатрешни работи во Скопје потврдија дека тројца жители на Грчец го пријавиле случајот во полиција. Се работи на неговото документирање и расветлување, велат во МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


