
Изминатиов празничен викенд Охрид со низа манифестации го празнуваше својот закрилник – свети Климент Охридски, патронот на градот. На свечената академија говореше градоначалникот Никола Бакрачески. „Нам ни останува во завет да бидеме вечни чувари на споменот и делото на безвремениот светител и учител, Светиот Климент Охридски, заштитникот на нашиот град. Ние од Охрид веруваме дека светиклиментовиот дух, се` уште лебди над градот, деноноќно бдеејќи и чувајќи го од зло време”, потенцираше Бакрачески.
На свечената академија беше врачена наградата „Свети Климент Охридски“ на доајенот на македонското пливање Александар Леко Радиќ, како и повелбите „Свети Климент Охридски“ на фотографот Стојан Стојаноски и на младата пејачка Миланка Новеска. „Се чувствувам многу задоволен што најпосле некој се сети да ми го признае трудот што сум го дал некогаш. Имам две големи желби со кои сметам дека ќе се препороди охридското пливање, охридскиот спорт и целото охридско живеење: Зимски пливачки базен и скијачки центар на Галичица му требаат на овој златен Светиклиментов град“, се обрати Александар Леко Радиќ, 85-годишниот доајен на македонскот пливање, татако на „Охридскиот пливачки маратон“, низ чии раце поминаа звучни пливачки имиња.
Многу богата културно-уметничка програма организираа охриѓани по повод денот на Свети Климент Охридски. Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ актерите на „Народниот театар“ на Охрид читаа рецитал за животот и делото на Свети Климент Охридски. Во просториите на НУ фестивал „Охридско лето“ беше отворена традиционалната изложба на фотографии од членовите на охридскиот клуб на фотографи. Во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беа претставени десетина охридски уметници со дела во различни техники. Во Галеријата „Робевци“ беше отворена изложба на фотографии: „Убава Кина“ во организација на Амбасадата на НР Кина во Македонија.
Граѓаните и делегациите од збратимените градови, кои го празнуваа денот на светецот, од пред споменикот на Свети Климент на плоштадот со неговото име, во свечена литија, се упатија кон црквата на Плаошник, каде на црковната церемонија чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г.Тимотеј. Локалната самоуправа и МПЦ, на овој начин, сакаа народот да го сплотат и да го внесат во целокупната програма за одбележување на празникот, како интеракција помеѓу граѓаните.
Во рамките на празнувањата претставници на општина Охрид и на општината Стар Град, во Сараево потпишаа повелба за соработка, каква што потпишаа и основното училиште „Христо Узунов“ и Втората Основна школа од Будва
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


