Со премиерата на „Вечната куќа“ в сабота официјално почнува репертоарот наМакедонскиот народен театар (МНТ) во новиот објект. Освен трите премиери, на 7, 8 и на 9 декември, претставата ќе се игра уште девет пати во декември, а од јануари МНТ почнува со редовен репертоар.
Екипата која работеше на претставата е интернационална. Дизајнер на светло е ХрватотДени Шешниќ. Светлото во оваа претстава има извонредна улога. Искуството од Пекинг, каде што со „Аида“ направи спектакл со четири илјади светилки, било еден од адутите за Шешниќ да дојде во Скопје. Сценограф е Валентин Светозарец, костимограф е Благоја Мицевски, а музиката е на Горан Трајковски. Ритуалите и акробатиката до детали ги моделира Александар Илиев од Бугарија, а кореограф е Сташа Зуровац од Хрватска.
Околу 150 луѓе беа вклучени во долгоочекуваната претстава, а од нив половина се актери. Интересно е што во претставата актерот Тони Михајловски првпат игра заедно со својот син Александар, а Васил Шишков го игра ликот на својот татко, бардот на македонското глумиште Ристо Шишков. Сите се согласни дека тоа е една од најпотресните сцени во претставата. В сабота ќе има спектакл на сцената во вистинска смисла на зборот. На премиерите ќе има гости од 40 театри од Европа. Пред премиерата разговаравме со Дејан Пројковски, режисерот на „Вечна куќа“. Тестот е на Јордан Плевнеш, кој по пауза од 30 години повторно се игра на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ).

Дејан Пројковски
Текстовите на Јордан Плевнеш секогаш носат посебно изненадување и возбудување. На последната прес-конференција пред премиерата на „Вечната куќа“ говоревте за Вашето интимно чувство кон творештвото на Плевнеш. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа?
Пројковски: Јордан Плевнеш како автор е поврзан со моите почетоци како режисер во драмското студио „Солза и смеа“ во Битола. Првиот текст од Плевнеш кој го работев беше „Нашата жена во Париз“, а потоа „Безбог“. Ја имав таа среќа да се запознаам со него на 15-16 години, во античкиот театар „Хераклеја“ во Битола. Следните години, додека бев средношколец, имавме многу интересна преписка. Тој во Париз, јас во Битола. Значајно за мене беше тоа што големиот писател одвојуваше време за да ми испраќа писма, кои тогаш за мене беа длабоки, важни, суштински. Така навлегов во светот на Питер Брук, Гротовски. Многу често зборувавме за соништата, за вербата во сопствените соништа и дека треба да се изоди патот до нив. Сонот се случува и се остварува онолку колку што се посакува. А, се посакува толку колку што ќе одработиме за него. Моите први театарски почетоци се поврзани со Плевнеш. Потоа професионално работев два негови текста, перформанси поврзани со различни јубилеи на Универзитетот ЕСРА… „Вечната куќа“ е круна на нашата соработка. Плевнеш е еден од авторите кои носат голем драматуршки универзум. „Вечната куќа“ заокружува многу негови драми. Како што во „Вечната куќа“ се отвора соба која отвора различен историски период, таква е и неговата драматургија – слоевита. Отвора многу вертикали, во различни светови кои се многу интересни и несекојдневни. Сметам дека тоа е големата одлика на Плевнеш и големата одлика на еден универзален автор. Тој е многу интересен – колку што е македонски, толку е и универзален. Многу е интересен спојот на македонското, патриотското, националното со космополитското што тој го носи во себе. „Вечната куќа“нѐ поврзува двајцата естетски. Зошто јас ги сакам неговите текстови и драми? Преку нив многу лесно влегувам во таканаречениот „епски театар“. По реакциите на пријателите кои деновиве ги следат пробите се покажа дека е голема провокација за мене, го декодирам на специфичен начин неговиот ракопис, кој, всушност, е многу длабок и многу тежок. Плевнеш треба да се препрочитува многу пати додека се допре до суштината на она што го зборува. Во „Вечната куќа“ секоја сцена е како плочка и секогаш кога ќе го изгубите мозаикот од претходната сцена, не можете да го поврзете со следната, говорено од режисерски аспект.
„Вечната куќа“ е пишувана во последните 12 години од мигот на откривање на првите документи во лисабонската архива, во една куќа покрај Вардар изградена во 1492 година. Дали Вашата вечна куќа кореспондира со таа на Плевнеш?
Пројковски: Велат дека информацијата што ја дава текстот во претставата треба да биде 30 проценти и јас се надевам дека сега сме во таа насока. Заедно со актерите и со сите соработници се обидуваме да ја истакнеме таа нитка околу неговата драмска предлошка. Создаваме една сценска партитура која јас многу често се обидувам да ја водам паралелно со текстот. Многу често добивавме паралелно две информации – едната е повеќе метафизичка, а другата за значењето на текстот. Успеавме да извлечеме многу интересен сценски јазик, којшто е голема заслуга и на ансамблот. Ансамблот уште од првиот ден на пробите ја носеше енергијата за важноста на првата претстава. Но, повеќе стануваше збор за честа отколку за важноста. Енергијата на „Вечната куќа“ е метафора за ансамблот.
Колку беа инспиративни пробите?
Пројковски: Рускиот режисер Антатолиј Ефрос има напишано книга „Пробата, љубов моја“. Вели дека ние во театарот повеќе од половина од животот го минуваме во проба. Смислата на една претстава не е таа дали е добра или лоша, туку смислата е во процесот. Режијата е многу стресна професија. Се сеќавам на почетоците, колку е тешка средбата со големите актери… Од денешна позиција се враќам на таа дефиниција на Ефрос на пробата којашто носи радост и на едно слободно заигрување. Театарот е игра за големи деца. Така влегувам на пробите, заедно со актерите, да се заигруваме. Сцената е една од ретките места во светот каде што може да се пронајде вистината, а се создава преку игра. Тоа секогаш нѐ враќа на основата. Мислам дека и во претставата го има тоа – дека театарот е игра. Ние се заигруваме, најчесто со самите себе и тоа е најтешко и најважно.
На сцената в сабота ќе ги видиме речиси сите актери на МНТ, студенти на ФДУ и на ЕСРА, актери во зрели години и оние што се пензионирани. Премиерата се најавува долго и се очекува со нетрпение. Свесни сте дека сте дел од историјата, дека правите потфат за идните генерации?

Ќе се отвори нов театарски дом во цела Европа
Пројковски: Пред десетина дена го исклучив фактот дека создаваме претстава за отворање којашто сите ја очекуваат. Мислам дека тоа многу помогна во процесот. Влегов со свесноста дека можам да реализирам многу повеќе од работите благодарејќи на фантазијата што сите ја носиме со себе. Тоа ме водеше во процесот. Сакав да извлечам максимум од идеите, што е она што можеме да го раскажеме визуелно, кој е тој јазик што ќе биде баланс меѓу актерската игра и визуелното. Големината и значењето на „Вечната куќа“ е сами да си го пронајде патот во претставата. Интересно е како во претставата играме театар во театар. Една од потресните сцени е ликот на Ристо Шишков, кој го глуми неговиот син Васил Шишков. Тоа за мене е многу несекојдневно соочување со животот и театарот, и со нивното спојување. Има уште неколку такви моменти кои го „дишат“ театарот на сцената. Многу е важно што побрзо да се донесе душата на актерите во вистинската позиција. Во една сцена игра и старата завеса од МНТ „Центар“. Долго размислував што е тоа што ги обединува сите актери и се сетив дека завесата е таа што ги обединува сите. Тоа е еден емотивен момент за сите нас во претставата.
Мислите ли дека со премиерата ќе ја завршите одисејата на новата сцена на МНТ или, напротив, почнувате ново патување?
Пројковски: Мислам дека почнуваме ново патување. Ова го зборувам од позиција на уметнички директор. Сега МНТ има голема можност што треба да ја искористиме и да направиме сопствен театарски идентитет. Можностите што ги нуди сцената, условите во кои работиме. Најважна е позицијата од која сега ние можеме да го создаваме тој театарски универзум. Голема, клучна шанса ни е дадена да го пронајдеме својот театарски идентитет и да се профилираме како специфична национална театарска куќа. Соработниците од странство се воодушевени и шокирани од специфичноста на јазикот на претставата, колку е тој национален, наш, а колку го носи универзалното во себе. Мислам дека во таа насока треба да се движи МНТ и да се развива како космополитски театар. Имаме најавено повеќе од 40 гости од различни национални театри и фестивали, кои доаѓаат утре и во сите наредни премиери. В сабота ќе се отвори нов театарски дом во цела Европа. Луѓето од театрите од земји со големи традиции знаат што значи тоа и знаат колку е ретка можноста да се отвори една ваква зграда. Мислам дека и ансамблот ја носи таа енергија, сплотеност, којашто ја имаме сега во претставата. Сега доаѓа времето кога работите зависат од нас. Имаме технологија која нѐ става во десетте водечки театри во Европа. Следните години се годините кога првпат ќе имаме профилирано национален театар што е многу важно за сите нас. Важно е за националниот театар, но и за авангардниот театар.
Се најавува не само театарска претстава, туку спектакл за кој долго ќе се зборува, тука, пред сѐ, мислам на сцената и нејзините технички можности, кои се светски. Може ли да откриете повеќе детали за читателите на „Република“?
Пројковски: В недела наутро ќе изгрее сонцето и сѐ ќе биде исто. Претставата во себе го има точниот баланс меѓу она што се нарекува театар, актерска игра и ставање во функција на сериозна сценска механизација. Колку често сме биле во театар каде што целата сцена во неколку секунди пропаѓа в земја и потоа се издигнуваат 40 луѓе од една дупка која не се гледа? Има динамична игра со светлото, позиции кои брзо се отвораат и се затвораат. Убавото во технологијата е во тоа што таа може да се третира различно. Секој режисер ја третира различно и секогаш ќе биде нова и ставена во различна функција. В сабота сум убеден дека публиката ќе се радува на својот национален театар.
Театарските луѓе се исти секаде
– Театарските луѓе се исти секаде. Како да сме од една мајка родени. Многу брзо се разбираме. Сите во себе ја носиме донкихотската, апсурдна желба да го смениме светот со убавина, со уметност. Првпат ја откривам поетиката и колку може да раскажува светлото на принцип на расказ. Убеден сум дека сите ќе се радуваме на новото лице на националниот театар. Затоа е важна претставата – смета Пројковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!


