| четврток, 6 декември 2018 |

ФХ3Х со три филма меѓу номинираните 10 за Оскар

Македонското студио за визуелни ефекти и анимација ФХ3Х со три филма се најде на списокот на од 10 филмови номинирани за најдобри визуелни ефекти објавен од Американската Академија за филмски уметности.

Станува збор за филмови “Iron Man 3”, “The Lone Ranger” и “World War Z” на кои аниматорите на ФХ3Х работеа како дел од тимовите на Scanline, Industrial Lights & Magic и MPC.

Oд 10 филма номинирани од Академијата за најдобри визуелни ефекти во изминатата година, во јануари ќе се селектираат финалните пет. По азбучен редослед номинација добија: “Elysium”, “Gravity”, “The Hobbit: The Desolation of Smaug”, “Iron Man 3”, “The Lone Ranger”, “Oblivion”, “Star Trek into Darkness”, “Thor: The Dark World”, “Pacific Rim” и “World War Z”.

– Оваа година конкуренцијата за Оскар е особено силна затоа што имаше навистина голем број филмови со извонредни визуелни ефекти и дури и самото влегување во оваа листа на номинирани 10 е огромен успех, изјави Кристијан Даниловски, еден од сопствениците на ФХ3Х и член на Асоцијацијата за визуелни ефекти.

Тој додава дека со тоа што филмови како што се ”Man of Steel”, “Enders Game”, “Rush”, “The Wolverine” или “Аfter Earth” не влегоа во овој потесен избор, зборува за високото ниво на визуелни ефекти кои се ова година во игра.

– Во ФХ3Х сме многу среќни што ја имавме таа привилегија да работиме на три од номинираните 10 филма кои влегуваат во потесен избор, особено што тие влегоа на оваа листа во навистина голема конкуренција. Визуелните ефекти на сите 10 филма се спектакуларни. Во овој момент фаворити и не можат да се издвојат се додека не се изгласаат финалните пет филма кои ќе влезат во избор за Оскарот, но секако нашите се “The Lone Ranger”, на кој работевме во соработка со Industrial Lights & Magic , “Iron Man 3,” на кој работевме во соработка со Scanline, и ”World War Z,” на кој соработувавме со MPC, и на кои им стискаме палци да влезат во финалните пет, вели Даниловски.

Финалната листа со петте номинирани филмови од кои ќе се избере најдобриот, ќе биде објавена во јануари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top