| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: Продолжуваме со мерките за намалување на лажните баратели на азил

Gordana-Jankuloska

Наша работа е да спроведуваме мерки за спречување на негативните појави и елиминирање на можноста од применување на таквите одлуки од страна на европските институции и да правиме напори за намалување на бројот на лажни баратели на азил во европските земји по потекло од Македонија, а не да ги коментираме нивните одлуки.

Ова е одговорот на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, запрашана за коментар на вчерашната одлука на Советот на министри од ЕУ за усвојување механизам за привремено враќање на визите за граѓаните на западнобалкански држави и трети држави во специфични ситуации – доколку има нагло растење на нерегуларните имигранти или неосновани барања за одобрување азил.

– Република Македонија прави максимални напори да се намали бројот на, условно речено, нелегитимните баратели на азил кои потекнуваат од Република Македонија. Во таа смисла ние преземаме мерки и активности за превентивно дејствување како информативни кампањи, разговори со ранливите групи и потенцијални лажни баратели на азил, но преземаме и репресивни мерки како казнување на лицата кои организираат нелегално патување заради злоупотреба на безвизниот режим и кои на кој било начин сакаат да профитираат на грбот на овие лица, со што практично ја доведуваат во прашање визната либерализација како придобивка за сите граѓани на Република Македонија – изјави министерката за внатрешни работи одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на кампања „Пресечете ги конците на трудовата експлоатација и трговијата со деца во Македонија“.

Во таа смисла, рече Јанкулоска, ние ќе продолжиме со истите мерки и уште понтензивни активности без оглед на тоа каков е ставот, односно какви одлуки ќе донесат европските институции. Нашата задача, потенцира таа, е да ги намалиме негативните ефекти, односно да ја доведеме злоупотребата на најмала можна мерка, со крајна цел нула лажни баратели на азил по потекло од Република Македонија.

Според одлуката на Советот на министри на ЕУ, итната мерка за укинување на безвизниот режим на шест месеци за некои држави е можна и во случај на непочитување на договорот за реадмисија, односно во случај на одбивање барања на ЕУ држава да одбие да прими назад свои државјани кои би го злоупотребиле визниот режим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top