| четврток, 6 декември 2018 |

Сопругот на Јанкулоска: Попрво земјата ќе престане да се врти, отколку Горде да го остави Петар!

Влатко Илиевски, сопругот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која што е осудена на шест години затвор, тврди дека таа во никој случај не планира да бега и да ја напушти земјата, како што е случај со Никола Груевски.

Во разговор за ,,Фокус” тој открива дека раѓањето на нивниот син Петар, кој има околу пет месеци, за нив е единствената смисла во животот и за ништо на светот не би го оставила.

– Гордана не е виновна за делата за кои се товари, обвинувањата се апсурдни, неаргументирани и резултат на една хистерија која подолго време се води против неа. Убедени сме дека правдата ќе излезе на виделина, се едно дали тоа ќе биде од страна на македонските судови или од судот во Стразбург. Притвор не верувам дека ќе и биде изречен, затоа што Гордана редовно ги почитува мерките за обезбедување на присуство и без исклучок секогаш се одзиваше на сите судски рочишта, дури и кога беше во деветтиот месец од бременоста, како и во периодот кога Петар имаше само два месеци – раскажува сопругот на Јанкулоска.

Тој додава дека Петар се уште се храни со мајчино млеко, односно со доење и со дохрана од вештачко млеко, што значи дека присуството на мајката во неговиот живот во овој период е од огромно значење за неговиот развој.

-Доаѓањето на Петар ни донесе неизмерна радост и среќа за Горде, како и за мене, и претставува единствена смисла во животот. Гордана под ниту едни околности и за ништо во животот не би го оставила Петар, попрво земјината топка ќе престане да се врти. Впрочем, глетката на Петар во прегратките на Горде ги елиминира сите сомнежи, доколку некој ги има, за било какво поинакво постапување. За Петар се грижиме ние двајца со помош на родителите, немаме дадилка. Петар се уште се храни со доење и со дохрана од вештачко млеко – вели Илиевски.

Јанкулоска и Илиевски стапија во брак во 2010 година, по долга врска. Петар е нивно прво дете.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top