Доколку се реализираат најавите дека Ренато Вугринец и Немања Прибак ќе го облечат дресот на нашиот национален тим, македонската ракометна репрезентација ќе биде засилена на претстојното Европско првенство во Данска во 2014 година.
Според интернет-порталот „Екипа“ Ракометната федерација на Македонија веќе стапила во контакт со двајцата ракометари, кои начелно искажале подготвеност да заиграат за „црвено-жолтите“ во Данска. Со самото тоа, почната е и процедурата за добивање државјанство, а потоа и пасош, со што овие двајца искусни бекови би станале дел од македонскиот национален тим. Прибак изразил подготвеност да го облече дресот на македонската репрезентација, додека, пак, Вугринец сѐ уште тактизира со конечната одлука, но во таборот на РФМ се убедени дека Словенецот, сепак, ќе даде позитивен одговор. Извори во Металург ја потврдија информацијата дека Вугринец може да го облече македонскиот репрезентативен дрес.
Конечниот рок кога сѐ би требало да биде познато е 10 декември, последниот датум за доставување на поширокиот список на репрезентациите за ЕП 2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.