| четврток, 6 декември 2018 |

Увозниците на нови автомобили бараат да престане увозот на половни

avtomobili

Владата го разгледува барањето на Импортерите на моторни возила за забрана за увоз на возила постари од 7 години. Според информациите на порталот Фактор од Владата веќе побарале мислење од надлежните министерства за финансии и транспорт и врски, како и мислење од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски. Откако ќе ги добијат мислењата, потоа дополнително владата ќе одлучи дали ќе забрани увоз на автомобили постари до 7 години или не. Засега нема официјална информација кога владата ќе донесе одлука за ваквото барање на увозниците на нови автомобили.

Инаку пред крајот на минатата година Импортерите ја побараа оваа мерка со образложение дека во изминативе три години со увозот на возила со Еуро 1 и Еуро 2 стандард, задоволен е социјалниот момент од една страна, но, од друга страна тие возила се огромни загадувачи воздухот. Во барањето на Групацијата на импортери на моторни возила се апелира на  воведување на нормата Еуро 4 за половни возила во првиот квартал од 2013 година со која е предвидено да се увезуваат возила што нема да бидат постари од 7 години, бидејќи како што велат загадувањето на воздухот, во голема мера е резултат и на согорувањето на горивата од старите нееколошки возила. Како аргумент импортерите го наведуваат и фактот дека во Скопје последните мерења на штетните честички на воздухот покажаа дека загадувањето е 20 пати поголемо од дозволените граници. Според европските стандарди максимално дозволената граница е 50 милиграми на кубен метар.

„Новите возила имаат ниска емисија на јаглерод диоксид и штетни честички во воздухот, располагаат со посебни филтри кои ги задржуваат штетните канцерогени честички и не ги пуштаат во атмосферата. Наспроти ова, во последните три години во Македонија се увезоа околу 110.000 половни возила со Еуро 1 или Еуро 2 норматив кои немаат заштитни филтри и емитуваат огромна количина штетни честички во воздухот“, стои во барањето на импортерите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top