Поставувањето на споменикот на цар Душан предизвика големо внимание во македонската јавност. Коментарите се различни, но најчесто зависат од тоа кој низ каква призма сака да ја гледа историјата. Очигледно е дека неговото немакедонско потекло, бар гледано низ денешната призма на поделба на нациите, беше доволен повод да се развие силна полемика. Но таквиот пример не е единствен бидејќи до сега, барем во Скопје, со споменици се одбележани многу луѓе што не се Македонци, па дури и многу што не потекнуваат од Македонија, но кои на некој начин биле поврзани со историјата на Македонија. Примерите се многу, од Мајка Тереза, преку Хасан Приштина, Скендер-бег, за кого сè уште се актуелни дебатите за неговот вистинско потекло, преку Џорџ Вашингтон, персискиот крал Кир Велики, филозофот Хуго Гроциус, императорот Карло Велики, Махатма Ганди, Нелсон Мандела, Роберт Шуман, Винстон Черчил, рускиот цар Петар Велики и уште неколку други главно поставени на новата зграда на МНР.
Тоа што треба да се истакне и подвлече е дека е очигледен концептот со кој сите културно историски градби во центарот на Скопје имаат некаква врска и поврзаност со историјата и со територијата на Македонија. Тоа е највидливо токму со поглед низ поставените статуи на новиот мост „Око“. Покрај статуата на цар Душан, за кого најмногу се дебатира, коректно е да се знае дека на овој мост се наоѓаат и други „странски“ значајни личности. Тоа што ги обединува сите е фактот дека оставиле несокривливи траги на територијата на Македонија преку своите дела, градби и археолошки остатоци.
На мостот „Око“ има статуи на повеќе антички македонски кралеви како Каран, Пердика Први, Александар Први Филхелен, Архелај и Аминта Трети (татко на Филип Втори), но има и статуи на Авдолеон, пејонски крал, на неколку римски првосвештеници кои делувале на територијата на Македонија, како што се Тит Флавиј Орест и Публиј Сентиј Септимиј Николај.
На овој мост има статуи на тројца ранохристијански епископи на кои не им се знае точното место на раѓање и потекло, но несомнено оставиле голема трага на ова македонско подрачје. Таков пример е епископот Будиј, епсикоп во Стоби во чиешто време е изградена старата епископска базилика во Стоби и човек што учествувал на Првиот екуменски собор во Константинопол во 325 година. Таков пример е и статуата на епископот Дионисиј, прв епископ во Лихнид и на епископот Ахил, епископ во Лариса, Тесалија (централна Грција), свештеник, чиишто мошти биле пренесени и упокоени на островот Мал Град во Преспанско Езеро и по чие име е изградена првата катедрална црква „Св. Ахил“.
На овој мост има статуи и на двајца словенски кнезови Хацон и Пребонд, кои, секако, не можат да се класификуваат во ниту една словенска нација погледнато низ денешната призма на поимање на нациите. Овие двајца кнезови се запомнети и значајни поради тоа што ги предводеле словенските напади на градот Солун. За овој текст, можеби, е значајно да се спомене дека на само стотина метри од мостот „Око“, каде што се поставени статуите на овие двајца словенски кнезови и напаѓачи на градот Солун, се наоѓа црквата „Свети Димитрија“, која, пак, е именувана по најсилниот и прв барнител на градот Солун од нападите на Словените. Таквото единство на одбележување на значајни ликови од историјата на оваа македонска земја ги надминува тесните етноцентрични концепти создадени во деветнаесеттиот век.
На овој мост има и статуи на неколку средновековни владетели и кнезови на териоториите на Македонија, како што се Петар Делјан, Горги Војтех, Севастократор Стрез и Добромир Хрс, кој, пак, има мешовито влашко и македонско потекло.
Одбележувања со статуи на овој мост има и за средновековните владетели со Македонија Јован Углеша, деспот на Сер, Димитрија Волкашин, жупан во Прилеп, Крале Марко, сите учесници во одбраната на Македонија во битката на Марица.
За истакнување е фактот дека на овој мост има статуа и на Андреа Гропа, жупан на Охрид, кој на почетокот бил вазал на кралот Волкашин, а потоа станал турски вазал. Неговото потекло несомнено е од семејство на угледни албански благородници.
На овој мост има и статуи на неколку други значајни зографи, ктитори, градители и оставители на значајни археолошки и културно-историски споменици, цркви и артефакти на целата територија на Македонија. Желбата да се одбележат на едно место, без значење на нивното потекло и завојувана страна е цивилизациско достигнување, кое, очигледно, во овој простор на Балканскиот Полуостров сè уште не е достигнато. Затоа и, впрочем, се силните и некогаш жестоки реакции кон еден или кон неколку од ликовите, чиишто статуи ќе го красат мостот „Око“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Споменици на Никола Бадев и Пеце Атанасовски поставени во Кисела Вода
-
Поранешен градоначалник на Центар под истрага за мостот Око
-
Министерство за култура: Спомениците или ќе ги рушиме, или ќе ги дислоцираме
-
Грчкa „Демократија“: Коѕијас ќе побара новата влада во Скопје да ги смени имињата на аеродромот и плоштадот „Македонија“