| четврток, 6 декември 2018 |

Од 16 декември СМС потсетување за пациентите за закажан термин за преглед

На 16 декември официјално стартува проектот за СМС известување на пациентите за датумот и часот на нивниот закажан термин за преглед во јавните здравствени установи. Станува збор за уште еден нов модул или нова функциналност на системот за електронски евиденции во здравството и електронско упатување „Мој термин“. Првите СМС пораки за закажани прегледи беа испратени на 1 декември.

-Дневно ќе бидат испраќани над 5.000 СМС пораки во кои граѓаните ќе се потсетуваат за тоа кога им е закажан терминот во определена здравствена установа – изјави министерот за здравство, Никола Тодоров, најавувајќи го Проектот за СМС известување на пациентите.

Апелираше до сите граѓани при реализација на прегледот кај матичниот доктор да го остават својот мобилен телефон за што поуспешно информирање на пациентите и почитување на закажаниот термин.

Потенцира дека со проектот предвидуваат уште еден аспект, а тоа е да можат граѓаните кои сметаат дека нема да можат да стигнат на закажаниот термин или од кои било други причини сакаат да го откажат, истиот да го откажат на два начина: да одат кај нивниот матичен лекар и да кажат дека тој термин не им одговара, да побараат друг или да го откажат ако немаат потреба од таа здравствена услуга, а ќе можат да испратат СМС порака на бројот 144 194 во која ќе стои бројот на нивниот упат.

– Констатиравме дека има определен број пациенти кои не доаѓаат на закажаните термини. Ова претставува сериозен проблем во системот бидејќи тој е така поставен во тој ден треба да одговори на тој број пациенти, а пациентот не доаѓа на закажниот термин. Значи докторот е таму, времето е резервирано, пациентот не дошол, а за таа сметка некој друг пациент чека еден или повеќе денови за да добие конкретен термин – објасни Тодоров.

Тој додаде дека со навремено откажување на прегледот секој граѓанин придонесува терминот да биде искористен за преглед на друг пациент и за намалување на листата на чекање во ЈЗУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top