Македонија е интересна дестинација за странските инвеститори. Светските медиуми се интересираат за македонските економски презентации од страна на владини делегации кои во земјите ширум светот ја промовираат Македонија како земја со поволни услови за инвестиција. За краток временски период, претседателот на македонската влада, Никола Груевски, даде интервјуа за влијателни светски медиуми како CNN, CCTV, Forbes, Financial Times…
Последно во низата интервјуа кои ги даде премиерот Груевски е за време на посетата на Лондон, каде беше интервјуиран од американската CNN. Во разговорот со новинарот Макс Фостер, македонскиот премиер одговараше на прашања за економската состојба во Македонија, за напорите што ги прави Владата за привлекување инвеститори, реформите кои се направени во земјата, за европските и НАТО интеграциите и други актуелни теми.
Исто така, неодамна премиерот Груевски даде интервју и за CCTV на англиски јазик, најголемата и најгледана кинеска телевизија која емитува вести на сите континенти и има повеќе од 70 меѓународни претставништва. CCTV поседува вкупно 22 канали и е водечки медиуми на азискиот континент.
Претходно, на почетокот од месец јули, Груевски даде уште едно интервју за CCTV при неговата посета на Кина, тогаш интервјуто го водеше новинарот Руи Ченганг, еден од водечките новинари на CCTV.
Во меѓувреме, интерес за интервју покажа и влијателниот магазин „Форбс“, кој во рамките на ноемвриското издание излезе со специјална едиција посветена на Македонија и економските перформанси кои ги поседува нашата земја.
Премиерот Никола Груевски, кон крајот на месец септември во рамките на економскиот дел од посетата на Соединетите Американски Држави, оствари посета на корпорацијата Форбс каде што имаше и средба со потпретседателот на корпорацијата, Kристофер Форбс.
Во интервјуто за Форбс во ноемвриското издание, за премиерот Груевски пишува дека студирал економија пред да стане првиот брокер на Македонската берза.
-Како Министер за трговија и Министер за Финансии ја насочи економската дерегулација, воведе данок на додадена вредност и рамен данок. Ги освои првите избори во 2006 година и беше повторно избран во 2008 година и 2011 година. Тој неодамна зборуваше за Македонскиот имиџ, стимулацијата на инвестициите и плановите за интеграција, пишува Форбс, кој во едицијата нашата земја ја нарекува “бисер на Балканот“.
Влијателниот Фајненшл Тајмс е уште еден во низата реномирани светски медиуми кои прокажаа интерес за македонскиот премиер. Груевски деновиве присуствува на Форум за презентација на македонската бизнис клима во Лондон, кој се организира во соработка со реномираната групација Фајненшл Тајмс, која учествува во организирањето на настаните со цел привлекување странски инвеститори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.