Познатиот охридски професор и тренер, доајенот на маратонското пливање, пливачката балканска легенда годинава ја доби Светиклиментовата награда за животно дело, објави порталот „Охрид.нет“. Добитникот денеска го соопшти градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, во куќата на Григор Прличев.
Тој рече дека професорот Леко Радич ги прославил Охрид и Македонија низ светот и со златни букви го испишал името на Охридскиот маратон во регистарот на светското маратонско пливање.
– Комисијата имаше тешка задача бидејќи сите кандидати со своите квалитети можеа заслужено да го носат највисокото признание на градот. Денес свечено и официјално можам да изјавам дека чест ми е што добитникот на наградата „Свети Климент Охрдски“, на највисокото признание за животно дело, е професор Александар Леко Радич. Познат охридски бренд кој е достоен да ја носи наградата за 2013 година. Овогодишниот добитник е татко на охридскиот пливачки маратион, креатор и неприкосновена легенда на маратонското пливање, кој целиот свој живот го вложи во афирмација на Охрид и Македонија како релевантен маратонски центар. Тренирајќи ги познатите пливачки асови Дики и Атина Бојаџи, Нико Нестор и Климе Савин, тој е најзаслужен за нивните врвни достигнувања – изјави Никола Бакрачески, градоначалник на општина Охрид.
Наградата ќе биде доделена на свечена академија по повод празникот Свети Климент, која ќе се одржи на 8 декември во Центарот за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.