| четврток, 6 декември 2018 |

Дуото „Пет“ го врати Вардар на врвот, Гостивар остана на дното

Дуото „Пет“, Филип Петров и Александар Петровиќ, со по еден гол му донесоа победа на Вардар против Гостивар и го вратија шампионот на врвот на табелата. Мечот од 18. коло, кој беше презакажан поради замрзнатиот терен во Гостивар, се одигра попладнево во Охрид и заврши со победа на Вардар од 2-1.

Филип Петров со убав волеј во 34. минута му донесе предност на актуелниот шампион, кој денеска ја имаше улогата на гостин во Охрид, а во финишот на првиот дел од пенал израмни Сефери. Судијата Спиркоски процени дека Филип Деспотовски играл со рака, покажа на белата точка, а Сефери непогрешливо биеше за израмнување на 1-1.

Одлуката за победникот „падна“ во 70. минута кога, на асистенција на Деспотовски, Александар Петровиќ го совлада голманот Незири и му ја донесе деветтата победа на Вардар во оваа сезона. „Црвено-црните“ се лидери со 33 бода, два повеќе од триото конкуренти Работнички, Пелистер и Турново и 5 пред Металург. Гостивар остана на последната позиција со 11 бода.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top