| четврток, 6 декември 2018 |

Кавга меѓу Мурињо и Лукаку, забава за медиумите во Англија

Кавгата меѓу Жозе Мурињо и Ромелу Лукаку се разгоре, а реториката меѓу менаџерот на Челси и играчот на сините од „Стемфорд Бриџ“, моментно на позајмица во Евертон, станува сѐ поостра. Лукаку не сакаше да остане во Челси и летоска замина на позајмица на „Гудисон парк“ во редовите на Евертон. Тој изјави дека би сакал да го продолжи престојот во Ливерпул, во редовите на тамошниот премиерлигаш Евертон, што го налути Мурињо.

– Јас ќе одлучам каде ќе игра Лукаку. Или можеби се променија фудбалските правила, па сега е дозволено играчите да си одлучуваат за кого ќе играат. Нека каже Лукаку зошто си замина од Челси на позајмица во Евертон. Тоа го премолчува намерно – изјави Мурињо.

Лукаку беше потценет во Челси, ретко добиваше шанса, но тоа се случуваше пред да пристигне Мурињо. Кога португалскиот стратег се врати во клубот од Лондон, Лукаку веќе имаше договор за позајмица и замина во Евертон. Проблем, најмногу за Управата на Челси, е што навивачите сѐ почесто прашуваат зошто си замина екстра-талентираниот напаѓач и зошто не доби шанса во конкуренција на бледите Торес и Ба. Подоцна беше купен ветеранот Самуел Ето, кој е постар од Лукаку за цели 12 години. Ромелу има 20 години, а сезонава е мошне ефикасен кај „карамелите“ и постигна 8 гола на 9 натпревари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top