Министерството за образование и наука планира реконструкција на дел од студентските домови во 2014 година.
– Има потреба за реконструкција и ние веќе имаме план за реконструкција во 2014 година, со оглед на стартот на новата буџетска година и нашите обврски како ресорно Министерство – изјави ресорниот министер Спиро Ристовски.
Во планираните за санација е и домот „Гоце Делчев“, каде што вчера околу четири утрото во блок В на приземјето избувна пожар и причини материјална штета.
– Станува збор за обид за подметнување на пожар. Благодарение на правовремената реакција на Противпожарната служба, како и на самите студенти и Управата на Студентскиот дом, причинета е незначителна материјална штета. Не се оштетени соби на студенти, туку е зафатен дел од ходникот. Студентскиот центар набрзо ќе ја санира штетата- рече Ристовски, додавајќи дека се шпекулација некои медиумски написи кои објавиле дека во пожарот се пеплосани соби.
Според податоците од Управата на Студентскиот центар, подметнувачот бил под дејство на алкохол и фрлил запаллива материја зашто управникот на блокот не му дозволил да влезе без да се легитимира. МВР го истражува случајот и ќе поднесе соодветна пријава против сторителот.
– Верувам дека набрзо ќе се расчисти овој случај со што де факто ќе се демотивира секој кој би помислил да се обиде да направи вакво нешто или слично, не само во студентскиот дом, туку и на кое било друго место во државата – истакна Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


