| четврток, 6 декември 2018 |

Ристановски: Сè уште имам што да ѝ дадам на сцената

Интервју со македонскиот актер Никола Ристановски, објавено во 3-от број на неделникот „Република“ (21 септември 2012)

Сталожен и ненаметлив, шармантен и расположен за разговор – со македонскиот актер Никола Ристановски разговаравме во бифето во МНТ, веднаш по пробата за новата претстава што се подготвува. Возбуден како пред секоја претстава, или, како што вели самиот, речиси идентично како пред првата претстава. Тогаш, додава тој, човек е во друга агрегатна состојба и по толкава километража има нешто што те држи вознемирен и возбуден. Верува дека сѐ што човек прави надвор од сцена е понеискрено од тоа што го прави на сцена. Често можете да го видите како сам пие кафе читајќи некоја статија на компјутер. Вели го исполнуваат малите нешта – возење велосипед, шетање со фамилијата… Не сака да се лиши од обичните секојдневни работи. Ексклузивните нешта го прават нервозен. Ужива со фините, отпуштени пријатели, а на глумењето ѕвезди кај нас гледа како на кич.

 

„Ристо Шишков“ – покрај многуте награди што ги имате добиено, последната е и таа – за ликот на Молиер во претставата „Животот на Молиер“, втора награда по таа на „Војдан Чернодрински“. Ова е претстава со која се вративте како актер на македонската театарска сцена, но и претстава со која Александар Поповски се врати како режисер. Имате изјавено дека многу Ви значат наградите од домашните фестивали.
Ристановски: Домашните награди значат многу, најмногу, особено ако имаш награди од надвор. Оваа особено значи. Не би го апострофирал тоа многу затоа што тоа е нешто што се подразбира. А, во однос на моето враќање на сцена – па, немам некое големо чувство дека паузирам бидејќи постојано сум работно анжиран.

Да, но одамна Ве немало, како во нова претстава во МНТ, така и како главен лик. Ве гледавме во „Сомнително лице“, но не и во нешто ново.
РистановскиДа, се согласувам. Ама затоа правев претстави на друго место. Одговорот е многу едноставен. Може да биде и посложен и создаден од многу потточки, но ако сѐ се сведе на една поедноставна формулација, тогаш е затоа што играв претстави на други театри. По еден куп главни улоги што ги играв на матичната сцена, можеби беше и здраво да се направи пауза. Од друга страна, има многу одлични актери, кои, исто така, треба да играат главна улога, така што и таа теза некако се спои со моите потреби и афинитети. И драго ми е што е така зашто некои работи се поубави по мали паузи.

„Натпреварот секогаш почнува отпочеток и не ти вредат головите од минатото првенство. Во новата сезона се очекува од тебе многу повеќе и тоа е дополнително обременување. Пропорционално со тоа се зголемува работата што треба да ја вложиш“

Враќањето со Александар Поповски во исто време дојде како вистинска комбинација.
РистановскиПа, и Александар, во меѓувреме, работеше надвор. Секој од свои причини. Одамна работиме претстави заедно и причините за неиграње овде, веројатно, не се совпаѓаат по сите точки на дневниот ред. Како и да е, ова е веројатно некоја седма, осма, деветта, ако не и десетта претстава со него, така што беше сосема нормално тоа враќање да се случи со него.

И се потврди како полн погодок. Колку Ви беше дозволено да внесете свои елементи при создавањето на претставата?
РистановскиТоа никогаш не ми е јасно до крај – како се игра и како се прават претставите. Веројатно некои креативни моменти доаѓаат во комуникација не само со режисерот, туку и со колегите, партнерите во таа претстава и затоа длабоко верувам дека сѐ зависи од сето тоа. Верувам во создавање низ комуникација со луѓе. Ништо не се случува само од себе. Тоа е колективна работа и не зависи само од твоите однапред утврдени ставови и афинитети.

За оваа претстава бевте и „жртва“ – скршивте рака на проба, а веќе следниот ден игравте во „Сомнително лице“.
РистановскиДа, да, јас сум приврзаник на тезата дека нешто мора да се скрши. И се решив да не скршам глава, па скршив прсти. И се покажа дека нешто треба да се скрши на проба.

Nikola-Ristanovski-3

„Не знам колку награди имам добиено, знам колку е во килограми бронза,
ми ги мереа за да ги пренесам преку граница. Колку една човечка тежина.
Ми бараа да ги избројам, но еве има една година како не стигнувам
да го направам тоа“

Десетина дена пред „Шишков“ добивте награда на Филмскиот фестивал во Ниш – Специјално признание за најдобар странски актер, за улогата во филмот „Зверињак“ (Ѕверилник). Зошто немаше некоја фама околу снимањето на овој филм? Некако во Македонија помина мирно, со една кратка најава дека Ристановски ќе биде дел од тој филм.
РистановскиСе зборуваше малку затоа што се снимаше лани во август, за време на одмори. Го работев филмот во околината на Белград и многу малку можам да кажам за овој филм затоа што сѐ уште го немам гледано. Се надевам дека наградата не ми е подарена, иако денес ретко кога некој некому нешто му подарува, освен ако нема некои сметки, а со мене такви сметки многу ретко можат да се прават. Драга ми е наградата, беше падната од небо, неочекувана. Постојано наградите ме затекуваат кога работам нешто друго, така беше и овој пат. Не можам ни да се изнауживам. Но, тоа е, веројатно, и некој хигиенски однос кон наградите, не треба да бидат важни сами по себе, туку да бидат катализатор за наутро да станеш и да го работиш истото.

Дали македонската публика ќе го види овој филм?
РистановскиЈас мислам дека да. Имаше такви најави, не знам до каде е. Треба да се појави во рамки на некој од филмските фестивали во земјава. Не учествувам во тие преговори, ако некогаш треба да се помогне во таа комуникација, помагам, но гледам да не бидам јас иницијатор. Ми се чини нездраво да бидам јас иницијатор на себепромоција. Но, се работи за ТВ-филм, ако го нема на фестивал, ќе го има на екраните.

Во Србија имате добиено низа награди – за „Глембаеви“, за „Дервишот“… Играте во „Монтевидео…“ – имам чувство дека Ристановски е поактивен надвор, отколку дома? И потретиран од тамошните медиуми. Дали е личен избор да се држите настрана?
РистановскиИстото ме прашуваат и новинарите во Белград. Но, не се држам настрана. Во суштина, секогаш кога наоѓам каква било ситуација и минимално расположение за муабет тука сум. Но, не гледам на интервјуата како на нешто на кое треба да се фолираме, дотераме, да се фотографираме фино. Ги разбирам како муабет, иако морам да признам ретко имам чувство дека треба да се доискажувам. А, знам дека луѓето ги интересира. Деведесет и девет проценти од работите што чувствувам дека треба да ги кажам ги кажувам преку тоа што го работам. Сѐ друго ми е муабет. И сега ова го третирам како муабет. Тука е и стравот дека, во суштина, немам да кажам ништо ново. Моите ставови се мои ставови и се придржувам на нив. Се фаќам дека исто одговарам на исти прашања, но, во суштина, тоа го мислам и така одговарам.

Јелена Лужина во една пригода кажа дека Ристановски има повеќе награди и од Петре Прличко, кој зад себе имаше 66-годишна кариера.
РистановскиИма многу луѓе што им се радуваат на моите награди. Не сум размислувал на тема дали некому му пречат, но мене ми годат до одредена граница и не мислам понатаму да ги размачкувам како боја на платно секој ден. Во даден момент многу ми годат, доаѓаат како доказ дека некој се согласил со тебе – за став, за чувство, за погледи на свет… Работам интуитивно, немам стратегија, ниту за својата кариера, ниту за тоа колку треба да се пласирам во медиумите. Немам ниту време ниту волја за тоа. А, можеме да разговараме секогаш. Понекогаш сум многу зборлив и може затоа бегам, да не се расприкажам многу. Многу се зборува на некои теми и тоа ме нервира. Се губи време, се губи фокус, смислата на тоа што го работам. Тогаш ајде ќе работиме само разговори, да не работиме претстави и филмови. Кај нас, веројатно, е обратнопропорционално појавувањето во медиумите со количината на работа што ја имаш.

Nikola-Ristanovski-2

Колку награди имате?
РистановскиНе знам колку награди имам добиено, знам колку е во килограми бронза, ми ги мереа за да ги пренесам преку граница. Колку една човечка тежина. Ми бараа да ги избројам, но еве има една година како не стигнувам да го направам тоа. Веројатно наградите најмногу значат тогаш кога човек ги нема. Во овој момент ми создаваат пријатно чувство, кое во крајна линија не е пресудно за животот на еден човек.

Сега сте дел од „Одисеј“. Имаше најава дека таа претстава, која имаше премиера во Хрватска, ќе дојде и во Македонија?
РистановскиДа, да. Премиерата беше на Бриони во јули и сега почнува со турнеја низ регионот. Прво низ театрите на копродуцентите – Марибор, Загреб, Белград, Нови Сад… си има свој прецизен план и се надевам, како што е редот, ќе дојде и во Скопје.

Се подготвува и претстава во МНТ, со интересна актерска екипа. Се враќа и Тони Михајловски на сцената на МНТ.
РистановскиДа, некако заредив. Со многу квалитетна екипа работиме, ме радува кога ќе се собере екипа и кога има добар текст. Уживам во размена на идеи, размислувања, особено со луѓе со кои или не сме работеле или сме работеле многу одамна. Тоа е некаква нова средба. Уживам во тоа, уживам во подготовките на секоја нова претстава. Можеби е парадоксално, но со Тони, иако сме иста класа, не сме биле партнери на сцена уште од академија.

Двајцата неталентирани студенти од вашата класа.
РистановскиПа добро, за Тони сум сигурен дека е неталентиран, а јас се уште се борам (се смее). Често се шегувам дека од инает го завршив ова, но тоа е епизода што одамна сум ја заборавил и не се сеќавам на неа со негативен предзнак. Секој човек има вакви и такви ситуации и од одредена дистанца сметам дека сѐ си има свое зашто.

Иако ретко, се појавувате и во реклами. Се појавивте во реклама за банка, се појавувате во реклама за вино. За банката изјавивте дека верувате во банката, па затоа се појавувате во реклама. Верувате и во виното?
РистановскиВерувам во виното од што сум слушал (се смее). Некако не дозволувам да ми избега естетиката во ништо. Не сум врзан само за банки и за вино, ама морам да најдам нешто свое. На нашиот пазар маркетингот е специфичен, како и сѐ друго и не се пресудни парите. Како и во сѐ друго. Во театарот не се пресудни парите, не се пресудни некогаш ни во филмот. Така и во рекламите некогаш не се пресудни парите, а тогаш работам според моето моментно чувство.

Ристановски на „Манаки“ со „Балканот не е мртов“

Со филмот „Балканот не е мртов“ во кој главната улога ја има Ристановски се затвора 33. Издание на фестивалот Браќа Манаки. И тука како режисер се јавува Александар Поповски. Тој го толкува ликот на 19-годишниот кадет од Воената академија во Битола, Мустафа Кемал. Ликот на убавата битолска Влаинка од Широк сокак, Елени Кринте, го игра Наташа Тапушковиќ.

Во 1896 година младиот Мустафа Кемал од Солун доаѓа да учи во Битола. Едно пладне, пред Велигден, шетајќи се по Широк сокак, на балконот од куќата на битолскиот богаташ Ефтим Кринте ја забележува убавата Елени, негова врсничка. Тоа се случува во 1897 година. Таа куќа сé уште постои на аголот, веднаш спроти хотелот „Епинал“. Александар Поповски, „Балканот не е мртов“, ја раскажува приказната за љубовта меѓу Ататурк и Каринте. Драмата првпат е изведена на театарската сцена во МНТ во 2001 година. Како продуцент се појавува „Кинооко“, во партнерство со продуцентски куќи од Србија, Хрватска и од Словенија.

Да се вратиме многу назад. Ристановски доаѓа во Македонија на осумгодишна возраст, без да знае да зборува македонски. Детето што не знаеше да зборува македонски прерасна во еден од најпознатите македонски уметници.
РистановскиТоа ми е како друг живот. Поминаа многу години оттогаш, но еден важен дел од детството бев надвор од овие простори. Од оваа перспектива тоа го гледам како голема привилегија бидејќи доаѓа дете што има многу мали предзнаења за сензибилитетот, за поднебјето, за што било. Веројатно имав голем период на опсервација каде сум и како функционира светот. Имав зад себе веќе еден свет, кој можев да го споредувам со овој новонастанатиот. Денес на тоа гледам како на големо богатство. Разликите во менталитетот, навиките, уредувањето… селењето, освен траума, носи и големо богатство. Живеев во Тетово краток период, што, исто така, е дел од моето богатство. Во еден период во животот решив да не се селам никогаш засекогаш. Многу лесно функционирам во други средини и лесно успевам да го земам најдоброто од тие средини и од тоа да црпам и приватно и професионално.

Од каде идејата да се биде актер?
РистановскиНемав таква идеја. Не се дрзнувам да помислам дека е тоа свет што може да ми припадне мене. Ми изгледаше пренеопипливо. Сплет на околности направи да бидам тоа што сум. Во една точка, тоа ми се виде како нешто без кое не можам. Тоа беше мојот мотор. Просто интуитивно. Немав замисла што би можел да правам од тоа, ниту какви сатисфакции би имал од тоа. Едноставно, помислив дека ако го немам тоа, ќе ми недостигаат многу нешта. Денеска веќе не си го ни поставувам тоа прашање. Тука сум, може треба и да прекинам во еден момент. Здраво е кога некој ќе се почувствува така да си каже доста е и да почне да се занимава со нешто во кое може да даде многу во тој момент. Јас сѐ уште чувствувам дека имам што да дадам на сцената и уште малку ќе бидам присутен на неа.

Што подготвувате друго?
РистановскиДо Нова година планирам да се посветам на турнеите со постојните претстави, на новата претстава во МНТ. Си оставив простор за тоа што го работам да го сработам добро. За в година веќе имам три филма, кои ќе ги снимам надвор од земјава, главно по Балканот. В година ќе паузирам со претстави. Но, не се знае. Може некој да се јави со добра идеја и да се случи нешто друго. Колку што знам, нема да снимам некој македонски филм, но може другите знаат нешто повеќе.

Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Дејан Станчевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top