
Штерјо Наков – против него тргна и долгогодишната најверна соработничка
Потпретседателката на Надзорниот одбор и акционер во Фершпед АД, една од најмоќните бизнисмени во Македонија, Кираца Трајковска, денеска со јавно известување им се обрати на сите акционерите и вработени во Фершпед. Обраќањето ви го пренесуваме интегрално:
На 28.11.2013 година како акционер и истовремено како Потпретседател на Надзорниот одбор согласно член 385 од ЗТД поднесов барање за свикување на вонредно Собрание на акционери на Фершпед АД Скопје до Управниот одбор, со јасно наведени цели и причини за свикување на вонредното Собрание.
Барањето го поднесов поради негативниот тренд во работењето и своевидното нестручно и незаконско работење на одредени членови на Управниот и Надзорниот одбор, за да се сопре процесот на континуирана пресија врз вработените, неосновано казнување, како и да се создадат услови на здрава и нормална работна средина со цел да се зачува имотот на Друштвото и лично да се изземам од одговорноста пред акционерите и Законот за негативните трендови, состојби и дејствија во Друштвото, на кои веќе подолг временски период укажував.
Согласно член 30 од Статутот на Фершпед АД Скопје членовите на Управниот одбор, односно на Надзорниот одбор се должни да ги вршат функциите согласно со Законските прописи и Статутот.
Спротивно на тоа членовите на Управниот одбор, поедини членови на Надзорниот одбор, како и раководители на сектори, чии имиња јавно ќе бидат објавени, во интерес на Штерјо Наков и Драган Наков на 29.11.2013 (петок), 30.11.2013 (сабота) и на 01.12.2013 (недела) вршат невиден притисок врз акционерите кои се вработени во Фершпед АД и врз акционерите кои се пензионирани од Фершпед АД.
По јавување на поедини акционери дека и денес (на 01.12.2013 во недела) им се прави притисок да дојдат во седиштето на Фершпед АД за да потпишуваат бланко полномошна, отидов да направам увид, но ми беше забранет влез во службените простории.
Притисокот го прават на начин што со различни закани и дезинформирања ги принудуваат споменатите акционери да потпишуваат бланко полномошна за застапување на нивни интереси на вонредното Собрание на акционери, за кое не е закажано ниту место, ниту време на одржување, ниту постои јавна објава со дневен ред.
Потпишување на полномошна и изјави за дадени полномошна без датум на давање на полномошното, како и без датум на одржување на вонредното собрание во две верзии со две различни места на одржување (Скопје и Охрид) е противзаконско дејствие.
Противзаконски е и тоа што ополномоштени лица се директори и раководители во Фершпед АД чии имиња јавно ќе бидат објавени.
Јавно ги повикувам сите акционери на Фершпед АД Скопје да не подлегнуваат на вакви незаконски притисоци и манипулации, туку да го искористат своето законско право лично да присуствуваат на побараното вонредното собрание и да гласаат по сопствено лично убедување по точките од дневниот ред кој ќе биде јавно објавен.
Јавно ги информирам акционерите на Фершпед АД кои под притисок веќе ги потпишале овие незаконски бланко полномошна, дека истите можат по писмен пат еднострано да ги отповикаат согласно Законот за трговски друштва, член 392, точка 6.
Време е сите акционери да ја преземат судбината на Фершпед АД во свои раце и да стават крај на незаконското семејно управување на Накови со Фершпед АД
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


