Џиа Каранџи била прв голем американски топ модел во касните седумдесети и раните осумдесети години на минатиот век, објави „Тв Вис“. По потекло италијанка, Џиа била толку позната што тогаш почетничката во моделските води, Синди Крафорд, ја нарекувале „малата Џиа“. И ден денес, многу дизајнери велат дека Џиа имала уникатен стил што го внела во светот на манекенството и анѓелско лице ое долго ќе се памети.
Кога со 17 години се преселила од Филаделфија во Њујорк, за кратко време станала многу славна. Станала омилен модел на познатите фотографи Франческо Скавуло, Артур Елгорд и позирала пред нивните објективи ширум светот, а работела за големите модни имиња како Dior, Cutex, Diane von Furstenberg, Armani, Versace, YSL. До 1978 станала најголем модел на своето време.
Славата и донела и статус на редовна гостинка на Клуб 54, каде редовно консумирала кокаин, што подоцна се развило во хероинска зависност.
Во 1978 година за првпат имала големо сликање за познатиот фотограф Крис фон Венгенхајм. на снимањето ја запознала шминкерката Сенди Линтер, во која се заљубила, а подоцна и ја прогонувала, поради што врската никогаш не била стабилна. Невозвратената љубов и смртта на нејзината агентка се подлабоко ја втурнувале во хероинската зависност.
За едно фотографирање на Карибите, фотографот Франческо Скаволо раскажал еден настан од нејзината хероинска криза: „ Неможеше да пронајде дрога во чантата и почна толку силно да плаче, што морав да ја легнам во креветот, да се смири. Така заспа.“-се присеќа Скаволо.
Во 1980 нејзината зависност веќе станала очигледна. Почнала да доцни на снимањата, а кога ќе се појавела, честопати заспувала среде сесија. Дури и на насловната страна од ноемвриското издание на „Вог“ од 1980 година, јасно се видливи трагите од зависноста на нејзиното младо и преубаво лице.
Дваесетиеднодневниот обид за одвикнување од зависноста пропаднал кога нејзиниот пријател Крис фон Венгенхајм загинал во сообраќајна несреќа. Тогаш Џиа се заклучила во тоалет и со часови се дрогирала.
Како што нејзината кариера згаснувала, последната прилика да се врати на голема врата и ја пружил Скаволо, давајќи и ја насловната страна на „Космополитен“, што воедно била и нејзина последна насловна страна.
По шестмесечна терапија Џиа се вратила во родната Филаделфија каде запишала курс за фотографија и почнала да живее помирен живот. Но само по три месеци заминала во Атлантик Сити каде повторно почнала за зема хероин, а за да си обезбеди дрога, почнала и да се проституира, а се верува и дека повеќепати била силувана.
Недолго потоа се вратила дома болна. Мајка и ја однела во болница мислејќи дека страда од пнеумонија, но набрзо лекарите заклучиле дека е позитивна на Хив-вирусот, за кој тогаш сеуште малку се знаело. Според лекарите Џиа најверојатно болеста ја добила од иглите со кои си вбризгувала хероин.
Како што состојбата и се влошувала, мајка и не дозволила никој да ја посетува, па така и нејзината смрт (18 ноември 1986година) поминала незабележано. На нејзиниот погреб не се појавил никој од модниот свет. Кога по неколку недели веста за смртта на дваесетишестгодишниот модел се раширила низ медиумите, целиот свет бил запрепастен.
Судбината на првата славна жена заболена од сида инспирирала многумина, а сведоштво за тоа е и биографскиот филм со наслов „Џиа“, во кој главната улога ја играше Анџелина Џоли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.