Воопшто не е важно како ќе почне новата 2013 година од резултатски аспект. Важно е да имаме квалитетно издание кое ќе им влее самодоверба на фудбалерите. Ова го изјави Чедомир Јаневски, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија на денешната прес-конференција пред утрешниот пријателски меч со Данска на Арена „Филип Втори“ во Скопје.
– Секако сакаме 2013 година да ја почнеме резултатски добро но и со квалитетно издание кое ќе им влее нова самодоверба на фудбалерите во пресрет на мартовските дуели со Белгија. Ги одработивме првите тренинзи на овој собир и може слободно да кажам дека играчите горат од желба за ново докажување и позитивен резултат – рече Јаневски.
Тој не планира воопшто да се менува нашиот стил на игра во однос на дуелите од минатата година. Данска е одбрана за оваа контрола со оглед на сличниот начин на игра со селекцијата на Белгија.
– Нема ништо да менуваме во стилот на игра. Нема да има поголеми промени од дуелот со Словенија, со тоа што сега се враќа Горан Пандев кој сигурно ќе биде стартер. Ќе бараме победа на оваа средба, вистинско надигрување на теренот – иако е јасно дека не чека тежок противник – додаде селекторот на сениорите.
Капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев по пауза од три натпревари повторно е во националниот дрес и тој не го крие задоволството од новиот предизвик за себе и соиграчите. Најдобрите македонски фудбалери за противник ја имаат една од најдобрите европски селекции, без разлика што се работи само за контролен дуел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


