Барселона е апсолутен фаворит за победа против македонскиот првак Вардар во седмото коло од ракометната Лига на шампиони, но спортот не познава и не признава предавање однапред, мото со кое „црвено-црните“ ќе излезат на мегдан против најтрофејниот ракометен клуб на планетата.
– Свесни сме дека Барселона игра одлично оваа сезона и според тоа што го покажува досега е еден од главните претенденти за титулата. Освен на натпреварот против Вардар, триумфираа на сите преостанати мечеви сезонава, во сите натпреварувања каде што учествуваа. На свој терен играат беспрекорно и секогаш победуваат со огромна гол-разлика. Според тоа, и нас нѐ очекува тежок натпревар, но нема однапред да се предадеме. Во овој меч влегуваме резултатски растоварени и повеќе ќе се фокусираме на нашето воигрување за следните натпревари бидејќи тие ќе бидат решавачки за пласман во фазата Топ-16. Секако дека сакам да се повтори успехот од Скопје кога ремизиравме со Барселона, но ќе биде тешко. Сепак, во спортот се случуваат изненадувања – вели голманот Петар Ангелов за клупскиот веб-сајт на Вардар.
Неизвесен е настапот на Филип Лазаров, но тој веројатно ќе биде подготвен за нов братски дуел со Кирил Лазаров, кој игра извонредно за Барселона. Нивниот и дуелот на Барселона и Вардар ќе почне во 16.15 часот, утре, со директен пренос на телевизија „Алфа“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


