| четврток, 6 декември 2018 |

Лидија Димковска: Реков дека нема да излезам на бина ако ме повикаат со ФИРОМ на доделувањето!

Синоќа на македонската писателка Лидија Димковска во Брисел ѝ беше доделена престижната Европска награда за литература. Но, наместо да се радува за признанието таа, како што вели,  одржала краток политички говор бидејќи организаторите ја повикале на бината под референцата ФИРОМ.
– Морам да го споделам и ова со вас зашто не знам колку сме свесни за ваквите работи што се случуваат дури и во странство и по вакви поводи – не само што на доделувањето на наградата во Брисел не дојдоа македонскиот амбасадор и дописничката, што за мене како личност е од најмало значење, но во пошироки културни и политички рамки е од огромно, но и самите европски комесари (со исклучок на Дорис Пак, која лично ми рече дека секогаш Македонија ја вика само Македонија) цело време додека бев таму го употребуваа ФИРОМ, па на главната проба за церемонијата со наградите една од госпоѓите од администрацијата кога требаше да ме повика мене извика едноставно ФИРОМ! Ѝ реков дека нема да излезам ако рече така и на доделувањето. На доделувањето ме најавија од „Former Yougoslav Republic of Macedonia“. Што можев да направам освен да одржам краток политички говор? Дали некој друг од останатите единаесет добитници на наградата имаше потреба од такво нешто? Не. Да беше таму дописничката ќе имаше за што да извести. Секогаш одново сум/сме ставени во ситуација да реагирам/е и да се вознемирувам/е наместо едноставно да си се радувам/е на самиот настан. А после Брисел морам да признаам дека сум сѐ поголем песимист дека проблемот со името еднаш засекогаш ќе се реши – вели Димковска во својата изјава на социјалната мрежа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top