| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските граѓани се за членство во НАТО, но само како Република Македонија

Македонските граѓани и натаму се за членство на Македонија во НАТО (61,5 отсто), но кога прашањето ќе го поставите со условот прием под референцата БЈРМ или прием со промена на името, тогаш поддршката за такво членство значително опаѓа. Она што е интересно во ова анкета на МКД.мк спроведена во соработка со агенцијата Брима, е дека идејата за неутралност на Македонија, подеднакво е прифатлива и за Македонците и за Албанците.

На прашањето „дали поддржувате или не поддржувате Македонија да стане членка на НАТО“, 61,5 % од анкетираните одговориле потврдно, а 26,1 отсто се против. Кога ќе се погледне етничката припадност на анкетираните, потврдно на ова прашање одговориле 55,2 отсто Македонци, а 77,4 отсто Албанци. Против се 32,3 отсто од Македонците и 13,2% од анкетираните Албанци.

mkd-303187

Кога прашањето ќе го поставите за прием во НАТО под референцата ПЈРМ, поддршката опаѓа – 34,9 отсто од анкетираните се за, а против се 41,9%. Против секакво зачленување во НАТО се 10,8 отсто. И тука голема е разликата кога ја гледате етничката припадност на анкетираните граѓани – Албанците немаат никаков проблем со тоа (73,5 %), а кај Македонците тој процент е 18,6 отсто.

mkd-303184

Уште поголеми се разликите кога зборуваме за членство во НАТО ако услов е промена на името на државата. За таква интеграција се 27,4 отсто од испитаниците, против се 51,3%, а против какво било членство во Северноатлантската алијанса се 10,8 %. Разликата во процентите е уште поголема според етничката припадност – 68,9 отсто од Македонците се против, а 76.3 отсто од Албанците се за.

mkd-303194

Генерално, за политиката на евроинтегративните приоритети на македонските политичари се 50,9 отсто од испитаниците, а против 30,1%. Кај албанските граѓани на Македонија таа поддршка е 65,6%, а кај македонските 36,4%.

mkd-303182

Кога зборуваме за разговорите за името и дали тие стануваат веќе бесмислени, со оваа оценка се согласуваат 49,7, за продолжување на разговорите сѐ до наоѓање решение се 36,9 отсто од испитаниците. Во однос на оценката на бесмисленоста на овие разговори, оценките се приближуваат кога станува збор за етничката припадност на анкетираните граѓани – 55,7% Македонци и 40,4% Албанци. За продолжување на разговорите се 31,1% Македонци и 46,7% Албанци.

mkd-303185

Разликата во одговорите според етничката припадност е изразена и во одговорите на прашањето „дали би поддржале или не би го поддржале предлогот Република Македонија да ја прифати политиката на неутралност“. Потврдно одговориле 42,5 %, а против 25,9%. Од Македонците потврдно одговориле 35,4%, а од Албанците 62,1% (против оваа идеја се 40,9% од Македонците и 16,1 од Албанците, а висок е процентот на одговор „не знам“ – кај Македонците 30% и кај Албанците 20,7%).

mkd-303186

Ова истражување на 1.210 анкетирани граѓани Брима го спроведе од 25 ноември до 2 декември. Од анкетираните со средно образование беа 24,4%, со средно 53,9% и повисоко 21,7%. Од 1.210 анкетирани 63,4 отсто беа Македонци, 25,9 Албанци и 10,7 % други. Во руралниот дел од Македонија живеат 42,3 отсто од испитаниците, а во урбаниот 57,7 %. Истражувањето е спроведено со теренска анкета лицe в лице во домот на испитаникот.

Резултатите од ова истражување се добиени во рамките на редовниот Омнибус на Брима.

Примерокот на истражувањето е национално репрезентативен (според полот, возраста, националната припадност и местото на живеење во сите 8 региони во Македонија) за популацијата на возраст од над 15 години. Можноста за грешка изнесува +/- 2.82% со ниво на доверба од 95%.

Во мај 2016 година во слична ваква анкета против членството на Македонија во НАТО под референцата ПЈРМ, 54,8 отсто од граѓаните беа против тоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top