Учениците од прво до трето одделение од идната учебна година ќе учат математика и запознавање на околината по наставни програми од „Кембриџ“.
Ова го предвидува договорот за соработка што денеска во Владата го потпишаа директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, и генералниот директор на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, Мајкл О’Саливан.
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, посочи дека станува збор за имплементација на образовниот систем на „Кембриџ“ во Република Македонија, кој ќе се реализира во временска рамка од пет години, за што секоја година ќе се потпишува нов договор за следното ниво на имплементација.
Освен испорака, адаптација на наставни програми и набљудување на имплементацијата, договорите предвидуваат и обука на наставниците.
– Бирото за развој на образованието, заедно со тимот на „Кембриџ“, во оваа 2013/2014 учебна година ќе почне да работи на адаптација на наставните програми од прво до трето одделение за предметите математика и запознавање на околината. Врз основа на овие наставни програми, ќе бидат набавени учебници од кои сите ученици од прво до трето одделение ќе можат да ги изучуваат овие предмети од септември 2014 година, на македонски, албански, турски и српски јазик – појасни Ристовски.
Воведувањето на наставните програми и учебници по математика и природните науки од четврто до шесто одделение, според него, е предвидено за учебната 2015/2016 година, а целосно заокружување на реформата е предвидено, година потоа, кога ќе бидат воведени наставни програми и учебници за ученици од седмо до деветто одделение. Последната година е предвидена за мониторинг и верификација.
– Дилемите дали одреден учебник или одредени наставни програми се добри или не, дали соодвестуваат на возраста или не, заминуваат во историјата, затоа што учениците во Република Македонија ќе учат по истите наставни програми и учебници, како и учениците од Велика Британија, адаптирани на нашите национални способности. Концептот на бесплатно обезбедување и достава на учебниците во сите училишта останува да се имплементира и понатаму, нагласи ресорниот министер.
Крајна цел на проектот, како што подвлече, е обезбедување многу поквалитетен образовен систем од се она што била карактеристика на образовните системи во Македонија и регионот во изминатите 50-60 години.
Директорот на Меѓународниот центар за наставни програми – Кембриџ, О’Саливан, посочи дека целта во Македонија е да работат на подобрување на резултатите по математика и природните науки, почнувајќи од прво до трето одделение.
– Тоа ќе биде партнерство од кое се надеваме дека ќе научиме и ние од македонските образовни работници за предизвиците со кои се соочуваат и да работиме заедно на креирање нови решенија. Нашата мисија е да обезбедиме меѓународно образование од светска класа, преку високо квалитетни наставни програми, оценување и услуги. Ние сме светски најголемиот давател на услуги со програми и квалификации за меѓународно образование за ученици меѓу пет и 19 години – рече О’Саливан, додавајќи дека Центарот во моментов работи во над 160 земји.
Директорката на Бирото за развој на образованието во Македонија изрази надеж дека соработката ќе ги даде очекуваните резултати, односно ќе се подобри наставата по предметите математика и природни науки. Хорватовиќ истакна дека најпрво ќе се обучуваат советниците во Бирото за образование, а потоа и 4.500 наставници кои ќе ги изведуваат овие наставни предмети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


