| четврток, 6 декември 2018 |

Пешевски: Напорно да се работи за презентирање на инвестициските можности

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, е задоволен од презентирањето на можностите за инвестирање во Македонија и презентирањето на можностите за градење партнерства со домашните компании на последното патувачко шоу во француските градови Марсеј и Лион пред тамошните стопански комори.

– Во Франција, каде што има големо зголемување на даноците, стана интересно и атрактивно, и на ниво на комори и на ниво на компании, па веќе најавија дека во наредниот период ќе организираат посети. Договоривме и со некои специјализирани комори за дадени индустрии да направиме посебни презентации во наредните месеци, така што, генерално гледано, јас сум задоволен особено имајќи предвид дека досега не бил посетуван тој регион – истакна вицепремиерот Пешевски, додавајќи дека ова е слично искуство како претпоследното во Америка, каде што посетувале градови кои досега не биле посетувани и кои досега не биле главна инвестициска дестинација.

Бројот на развиени индустриски региони во светот е голем, истакна вицепремиерот за економски прашања и потенцира дека треба напорно да се работи во идниот период.

-Мислам дека со условите што ги има создадено Македонија со поволната бизнис клима, даночните услови, подготвеноста на Владата да се ангажира во разрешувањето на проблемите на кој било инвеститор, Македонија навистина е интересна дестинација и за инвестирање и за туризам – истакна Пешевски денеска во Куманово на акцијата „Ден на дрвото“, додавајќи дека треба да се продолжи со оваа темпо и да се засили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top