
Триесет и четиригодишен маж од тетовското село Доброште бил застрелан во пределот меѓу бутот и стомакот синоќа дваесетина минути пред полноќ.
А.Н. забележал засега две непознати лица како се обидуваат да украдат гориво од паркиран камион „мерцедес“ во кругот на бензинската пумпа „Интеграл петрол“ кај селото Доброште на регионалниот пат Тетово – Јажинце, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Како што соопшти Јосифовски, застреланиот веднаш бил префрлен во тетовската клиничка болница, каде што му бил извршен хируршки зафат и изваден куршумот од телото, по што бил пуштен на домашно лекување.
Инаку, А.Н. во посочениот период заедно со неговиот соселанец А.С.(21) пешки поминувале покрај бензинската пумпа која подолго време не била во функција кога ги забележале двајцата непознати како се обидуваат да украдат гориво од камион со тетовски регистарски таблички.
– Во тој момент едно од лицата извадило пиштол и испукало еден куршум во правец на двајцата минувачи кој се одбил од околните предмети и го погодил А.Н. по што непознатите избегале во правец на селото Нераште. При увид на местото од инцидентот покрај камионот полицијата пронашла една чаура од куршум за пиштол со калибар од 9 милиметри, две пластични канти и едно гумено црево за преточување кои заедно со облеката на застреланиот се земени за дополнителни вештачења – појасни Јосифовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


