Комичната опера во три чина „Аптекарот“ од Јозеф Хајдн во режија на Уши Хорнер од Австрија вечерва премиерно ќе биде изведена на малата сцена во Македонската опера и балет (МОБ) во 20 часот. Диригент ќе биде младиот Виктор Митровски. Тој првпат ќе настапи во МОБ. Сценографијата е исто така на Хорнер, а изборот на костимите на Марта Трендафилова.
– Направивме и внатрешна и надворешна аудиција, на која се пријавија студенти од сите факултети и ние одлучивме на кој ќе му дадеме улога. Во претставата ќе има и дебитанти што воопшто не стапнале на сцената. Сакаме да им дадеме шанса на младите и квалитетни кадри и тоа веќе го правиме – вели уметничкиот директор на Операта, Александар Kотевски.
Освен тенорот Дејан Стоев, кој ќе настапи во улогата на Семпоринио, на сцената ќе настапат и Билјана Ѓуровска како Грилета, Јане Дунимаглоски и Николина Јаневска.
Повторната изведба на „Аптекарот“ е утревечер во истиот термин. Во втората подела во главните улоги ќе настапат Зоран Даскаловски, Александра Лазаровска-Василевски, Никола Стојчевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.