„Запомни тоа е сѐ што имаме“ им ги донесе на „Нокаут“ наградите за радиски хит отпеан од група и главната за апсолутен радиски хит за 2013. Вечерва во „Универзаната сала“ по шестти пат беше оддржан Македонскиот радиски фестивал МАРС, а покрај парична награда од 60.000 денари, „Нокаут“ добија и право да ја искористат салата за еден солистички концерт бесплатно во текот на оваа година. Таа привилегија му припадна и на добитникот на наградата по избор на публиката, која годинава му припадна на Тајзи. Мадиот рапер се збогати и за 30.000 денари, а фестивалот му ја додели и статуетката за ѕвезда што се раѓа.
Парична награда од 10.000 денари доби и Влатко Илиевски, чиј текст за песната „Само за неа“, новинарите од печатените медиуми го прогласија за најдобар.
Останатите награди заминаа во рацете на Димитар Андоноски, чија „Месечина“ е избрана за радиски хит испеан од машки вокал, додека Тамара со „Само сакам да“ е избрана за женски вокал на 2013 година.
Роберт Билбилов и Дон за „Ти се промени“ ја добија статуетката за радиски поп хит, Слаткаристика за „Добро да е“ – онаа за хип-хоп хит, додека за рок хит е израна „Љубов“ на Бени и „Нон Стоп“.
Баладата која ја одбележа изминатата година, според МАРС е „Не е фер“ испеана од Дарко Илиевски, „Боби баш ми е гајле“ на „Ај Кју“ е најдобрата преработка на песна, а за партнерство на годината, 40-тина радиостаници ширум Македонија го избраа она на Есма и Влатко Лозановски за евровизиската „Пред да се раздени“.
Наградата за трајни вредности, МАРС му ја додели на легендарната македонска група „Лева патика“ и нивниот евергрин „Неправда“.
Фестивалот, кој се пренесуваше во живо на МТВ го затворија наградите за ѕвездите од сосетството, Јелена Розга и Владо Георгиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


